Оваа торта уште наречена „Туфахија“, е одличен избор за посните денови, полна е со ореви и многу е сочна. Може да се приготвува преку целата година, а не само за време на постите. Испробајте го рецептот на Рада, ќе бидете воодушевени. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 јаболка, 150 г мелени ореви, 5 супени лажици зовриена вода, сок од 1/2 лимон, 1 мала лажичка цимет во прав, 1 супена лажица кафеав шеќер, 1 мала лажичка посен маргарин

За бисквитно тесто: 225 г брашно, 1 мала лажичка прашок за печиво (5 г), 1/2 мала лажичка сода бикарбона, ситно рендана кора од 1 лимон, 2 супени лажици џем од кајсии, 100 г шеќер, 100 мл масло, 225 мл вода или сок од јаболка, глазура по избор: шлаг, чоколадо, карамел или ореви




ПОСТАПКА: Кога правите посебни туфахии од јаболка, не е важна големината на јаболката, зашто секое се приготвува и пече посебно. Меѓутоа, кога правите торта од туфахии, пожелно е јаболката да бидат со приближно иста големина.




Јаболката измијте ги, излупете ги издлабете ги внимателно без да ги скршите. Извадете ја срцевината за да можете да ги наполните со филот од ореви. За фил: сомелете 150 г ореви, залијте ги со пет супени лажици зовриена вода и додајте сок од половина лимон.




Не мора да додавате шеќер во оревите зашто ќе попримат блажина од јаболката. Добро промешајте за да се изедначи смесата, а потоа со мала лажичка внимателно наполнете ги издлабените јаболка. Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.




Тркалезен калап за торти со флексибилен обрач (22 см) обложете го со хартија и на дното наросете кафеав шеќер и малку посен маргарин. Наполнете го калапот со полнетите јаболка, одозгора наросете ги со цимет во прав, па ставете ги да се испечат 20-тина минути во претходно загреаната рерна. За тоа време пригответе го тестото за бисквит кое се прелива преку јаболката:




Во подлабок сад просејте 225 г брашно и помешајте го половина кесичка прашок за печиво (една мала лажичка) и половина мала лажичка сода бикарбона. Во брашното додајте 100 г шеќер и ситно рендана кора од еден лимон. Промешајте ги сувите состојки со кујнска шпатула додека да се изедначат.




Потоа додајте ги влажните состојки: две супени лажици џем од кајсии, 100 мл масло за готвење и 225 мл вода или сок од јаболка. Сето добро изматете го со кујнска жица маталка додека да се изедначи во хомогена, мазна смеса без грутчиња, со конзистенција на густ јогурт.




Извадете ги печените јаболка од рерна и залијте го бисквитното тесто. Најпрво пополнете ги празнините помеѓу јаболката, па прелијте и преку нив. протресете го калапот за да се распореди смесата и да се пополнат сите празнини, па вратете во рерна да се допече уште 30-тина минути.

Печената торта оставете ја малку во калапот да се подизлади (15-тина минути), па внимателно превртете ја и отстранете го обрачот. Отстранете ја хартијата за печење и вратете го назад обрачот додека убаво да се олади (за да остане стегната). Потоа можете да ја декорирате по сопствен избор. Деталите погледнете ги ОВДЕ.