Минатата среда решив да ја направам оваа посна Шехерезада торта по повод роденденот на свекрва ми, а бидејќи немав ништо купено, решив да ѝ ја подарам оваа роденденска торта и едно многу убаво саксиско цвеќе.

Рецептот го најдов во стариот тефтер со многу рецепти кои си ги запишував уште кога бев млада, па случајно листот со овој рецепт ми се „лизна“ од тетратката и тоа го протолкував како знак дека треба да ја подготвам токму оваа торта.

Јас и сопругот постиме, како и свекрва ми и свекор ми, па затоа ја направив специјално оваа торта, за која сѐ уште се зборува. Свекрва ми беше воодушевена од овој подарок и самата ми рече дека поубава торта не јадела.

Вчера ми се јави и ми рече дека со сосетките уште ја зборувале. Се прави многу лесно, а мене од што ми беше мило за неа, одлучив да ја подготвам уште еднаш кога повторно ќе одиме кај нив на ручек.

Сѐ што треба да направите за тортата е да ги соедините одделно состојките за кремот, да го растопите чоколадото и да го изматите шлагот. Потоа, се редат бисквитите, се премачкуваат, и така сѐ до крај додека да го потрошите сиот материјал. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ – ПОСЕН): 1 литар вода, 200 г шеќер + 5 лажици, 120 г пудинг со вкус на карамела (3 кесички), 200 г шлаг, 250 г посен маргарин, 50 г шеќер во прав, 200-300 г чоколадо, 20 парчиња петит бисквити (4×5 – за еден ред, вкупно се прават 4 реда), 5 лажици масло, малку сок по избор (портокал, фанта) за натопување на бисквитот.

ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Измерете 200 г шеќер и ставете го во тенџере или тавче на рингла, која треба да биде вклучена на средна температура и почекајте да се растопи со повремено мешање. Кога шеќерот ќе стане течен (пред да се карамелизира) сипете помеѓу 700 и 800 мл вода и почекајте повторно додека сè да се раствори заедно.

Додека чекате, подгответе си еден подлабок сад и во него измешајте ги трите кесички пудинг од карамел, 5 лажици шеќер и остатокот од водата (200-300 мл) која ви преостана и соединете со жица или маталка.

Кога шеќерот и водата ќе се растворат во тенџерето и ќе зовријат, се додава смесата со пудинг и се готви додека пудингот да се свари и да ја добие потребната густина, па се трга од оган и се покрива со фолија.

Оставете го пудингот да се олади настрана, додека ги подготвувате намирниците за филот. Омекнатиот маргарин изматете го со шеќерот во прав и додајте го во изладениот и изматен пудинг, па сето заедно се меша до еднолично соединување.

Чоколадото растопете го заедно со маслото. Смесата треба да биде потечна, за да може да се премачкува врз бисквитите. Ако ви излезе малку погуста, додајте малку вода и повторно измешајте и соединете на пареа или директно на рингла. Во секој случај, конзистентноста зависи од чоколадото, секој производител е различен.

Посниот шлаг изматете го со вода (можете да го набавите во продавница за здрава храна или супермаркет). Подгответе си плех со средна големина или поголем и наредете околу 20-тина бисквити (4х5) колку што ви собира на плехот.

Бисквитите претходно потопувајте ги во сокот од портокал. Потребно е да си подготвите поголемо пакување бисквити за да исполните 4 реда. Врз првиот ред бисквити, премачкајте со чоколадото, па одозгора со кремот и врз кремот тенок слој од шлагот.

Наредете втор ред бисквити и премачкувајте на ист начин со чоколадото, па слој од кремот, па шлагот, па повторно бисквити, чоколадо, фил, шлаг и така до крај додека да ги потрошите кремот и шлагот. Вкупно се редат 4 реда бисквити, а се завршува со шлагот на последниот ред, по истиот принцип.

Декорирајте по желба и оставете преку ноќ да омекне бисквитот и да се соединат вкусовите, па исечете и послужете следниот ден. Оваа торта е многу вкусна и воздушеста. Има многу слоеви и може да се послужи за секоја посна или мрсна пригода. / Brzikolaсi.сom