Сигурно веќе имате испробано разни рецепти за бајадери, посни и мрсни, а сега направете ги овие, многу едноставно, со кокос. Сите ќе бидат воодушевени.

Ќе ви претставиме два рецепти, од кој првиот се приготвува со посни кекси и е одличен за посни слави, а вториот е многу едноставен, но не е посен, се приготвува од засладено кондензирано млеко, кокос и какао.

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за темен дел: 200 мл вода, 300 г шеќер, 250 г посен маргарин, 2 кесички ванилин шеќер, 2 лажици какао, 600 г мелени посни кекси. За бел дел: 200 мл вода, 300 г шеќер, 250 г посен маргарин, 2 кесички ванилин шеќер, 100 г мелени кекси, 200 г кокос

ПОСТАПКА: Во водата додајте шеќер, ванилин шеќер и маргарин. Ставете на оган и гответе додека маргаринот да се растопи. Потоа тргнете ја смесата на страни и оставете да се олади, па додајте какао и промешајте да се изедначи. Потоа додајте ги мелените кекси. Добро соединете.

Оваа смеса рамномерно распоредете ја во калап со средна величина, претходно обложен со проѕирна фолија. Добро притиснете, па оставете во фрижидер да се стегне околу 10 минути. За тоа време пригответе го белиот дел, речиси слично како и првиот дел.

Во водата ставете шеќер, ванилин шеќер и маргарин. Ставете на оган да се готви додека маргаринот да се растопи, па тргнете на страна и оставете да се олади. Во оваа смеса додајте прво кокос, промешајте, а потоа и кексите.

Добро изедначете ја смесата, а потоа рамномерно распоредете ја врз темниот дел, втиснете ја добро и израмнете ја површината. Бајадерата оставете ја во фрижидер да се олади и стегне најмалку 2-3 часа. По желба можете одозгора да ја прелиете со растопено посно чоколадо или кокос.

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл кондензирано млеко, околу 2 чаши кокосово брашно (од 250 мл) и 2 лажици какао во прав. Оваа количина е доволна за 6-8 коцки со средна големина, за што ви е потребен еден помал калап. За посна варијанта на овој рецепт наместо кондензирано млеко, користете кокосово млеко и растопен маргарин.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го кондензираното млеко, а кокосовото брашно додавајте го на трипати. Со секое наредно додавање на кокосот ќе можете да ја оцените неговата густина, па на тој начин ќе додадете помалку или повеќе од наведеното, доколку е потребно.

Мешајте со лажица или шпатула додека да добиете убава компактна смеса како тесто. поделете ја смесата на два дела, па во едниот дел додајте две супени лажици какао и промешајте додека да се соедини.

Во обложениот калап најпрво поставете го темниот дел, израмнете, а врз него поставете го белиот дел, па со помош на шпатулата добро израмнете, Одозгора наросете кокос и притиснете за да се втисне во смесата.

Оставете во фрижидер да се олади околу половина час, па сечете на коцки и послужете. Деталите за овој рецепт можете да го погледнете во видеото ОВДЕ.