Рецепт и фото на Верица Николиќ – Портокалопита.

Откако еднаш ќе ја направите, многу често ќе ви ја бараат домашните. Ова е нешто како баклава но со портокали, многу е вкусна и освежителна. Па, доколку сте љубители на вкусот на портокалот, тогаш мора да го пробате овој колач.

Потребни состојки: 280 г дебели кори за пита, 1 кг портокали (5 парчиња), 80 г шеќер, 2 јајца, 200 мл густ јогурт, 100 мл масло, 1 лажичка прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона.

За сируп: 200 мл сок од портокал (3 поголеми портокали), 200 мл вода и 240 г шеќер.

Постапка: Корите отворете ги на работна површина и оставете ги целосно да се исушат, околу два часа. Потоа, со рацете ситно издробете ги.

Портокалите оставете ги во воден раствор со сода бикарбона и оставете ги да отстојат половина час. Потоа добро измијте ги под млаз ладна вода. Најпрво се приготвува сирупот за да има време да се олади.

За сируп: Во соодветен сад ставете го исцедениот сок од портокали, додадете вода и шеќер. Промешајте и ставете на оган да проврие. Од моментот на зовривање, поклопете го сирупот и варете го на средна температура 10 минути. Тргнете од оган и оставете го сирупот да се излади.

За смесата: (Од 5 портокали) 2 портокали ставете во подлабок сад, прелијте ги со вода и варете ги еден час. Од третиот портокал изрендајте ја само кората. Од преостанатите два портокали и од оној со изренданата кора – исцедете го сокот и оставете го на страна.

Варените портокали малку изладете ги и исечете ги на коцки, а семките отстранете ги. Потоа ставете ги во блендер, додадете го исцедениот сок кој претходно го тргнавме на страна и сето сомелете го во кашеста смеса.

Плех со димензии 30х20 см намастете го, дното и ѕидовите. Рерната вклучете ја да се загреена 180 степени. Во длабок сад пенасто изматете ги јајцата со шеќерот. Додадете јогурт, масло, прашок за печиво и сода бикарбона.

Добро изматете. Додадете ја кашестата смеса од портокали, па добро соединете. На двапати додадете ги искршените кори и со лажица соединете ги со останатите состојки.

Излејте ја смесата во плехот и ставете да се пече 45 минути. Печената пита извадете ја и прелијте ја со ладен шербет. Прво прелијте ја со половина од количината на сирупот, па кога ќе се впие, прелијте го и остатокот од сирупот.

Питата оставете ја да се лади на собна температура, па потоа ставете ја во фрижидер. Најдобро би било да остане преку цела ноќ во фрижидер, пред послужување, доколку можете да се воздржите…

Рецепт и фото на Верица Николиќ