Дваесет и тригодишниот Ади Бебаниќ од Мостар на Фејсбук сподели порака која многумина остави без зборови. Тој вели дека сите треба да се разбудат и наместо да кукаат, мразат и осудуваат, да преземат нешто и да го живеат животот.

„Во декември 2011 година, светот се сруши. Сè што посакував и сакав да бидам, исчезна. Не го сакам декември, ниту зимата. Таа ми го зеде татко ми и никогаш не ми го врати.

Имаше 44. Тој ми беше сè, а јас никогаш не му го кажав тоа и никогаш нема да си го простам тоа. Останав дома со три жени, неговата мајка, мајка ми и сестра ми. Мама имаше 38, сестра ми 14.

Со месеци бев сè во тоа семејство, внук, брат, син. Домаќинот кој прави кафе. Подготвува ручек и вечера секој ден. И истото го фрла, затоа што не јадеа, не можеа од болка и тага. И јас бев тој што не спиеше со месеци, затоа што бришев туѓи солзи, но никогаш не заплакав. И цело време бев и ученик, одличен во гимназијата.

Десет дена по таа ноќ во декември, сестра ми едвај ја преживеа операцијата на дебело црево, една, па друга, па трета. Докторите си играа со неа, ја сечеа како што сакаа, а секоја грешка ја исправаа со нов рез. Повторно не плачев.

Една година по кобниот декември имав 18. Иста болница, нова дијагноза. Сега мама. Болест со три букви. Немаш татко, а сега нема да имаш ни мајка – секоја вечер истиот кошмар, истата грижа и страдање. Повторно не плачев. Сестра ми плачеше, не можевме и двајцата.

Никој не работеше една година, а сите имавме потреби, не знам што јадев и од што живеев, но никогаш не се откажав.

Денес имам 23. Работам од 18. Имам пет години работно искуство, го работам тоа што го сакам и се смеам кога одам на работа. И никогаш немав кој да ми биде ветер во грб или да ме насочи.

Сестра ми има 21 година, таа е најубава на светот и има две работи, ми позајми пари минатата недела, итно беше. И денес мајка ми е буцкаста, која е повторно во бело и најпопуларна аптекарка во градот на Неретва.

Не го пишувам ова за да допрам до нечија сентименталност. Денес не ми треба сожалување, ги живеам моите соништа. Го пишувам ова затоа што ми е преку глава колку се жалат сите и колку се измачени од сè што им се случува.

Полни сте со негативност и празни сте. Никој од нас немаше одличен живот. Бевме и тажни и мpтви, потоа повторно живи, и гладни, па повторно сити.

Земете го животот во ваши раце и протресете го. Искористете ја шансата и сакајте ја земјата по која одите, таа е ваша. Ова не е мотивациски говор.

Ова е итен апел да престанете да бидете кукавици, престанете да судите сè што не ви се допаѓа на социјалните мрежи, престанете да бидете дел од армијата што постоела уште пред да се родите, престанете да се делите и ве молам, немојте да мразите.

Го имате овој живот, искористете го. Сакајте со цело срце. Добра ноќ. Автор: Ади Бебаниќ

Ади Бебаниќ