Меки, шупливи, мирисни вкусни…Толку многу се вкусни, што кога ќе почнете да ги јадете – не знаете за доста! Се приготвуваат навистина многу брзо со состојки кои веќе сигурно ги имате во кујна, а резултатот ќе ве воодушеви.

Потребни состојки: 500 мл јогурт, 1 прашок за печиво, 3 јајца, брашно по потреба и сол

Постапка: јогуртот излејте во во еден сад, додајте ги јајцата, прашокот за печиво и малку сол, по вкус. Сето убаво промешајте го, па започнете да додавате брашно додека да добиете тесто како за погача. Треба да биде меко, но не премногу, да се одвојува од ѕидовите на садот.

Тестото истресете го врз набрашнета работна површина, наросете го со малку брашно одозгора, па развлечете го во кора со дебелина од еден прст, исечете на ленти со ширина и должина на еден прст или по ваша желба. Освен правоголници можете да сечете кругови со чаша, или да сечете триаголници.

Тестото пржете во загреано масло додека да добие златна боја од двете страни, па вадете ги на хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Многу се вкусни топли, но и кога ќе се оладат. послужете ги со сирење, чаша јогурт или кисело млеко, а кој сака може да ги јаде и со некој сладок намаз.

II РЕЦЕПТ – Нешто брзо, лесно и едноставно за појадок или вечера – за 15 мин е готово!

Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara Boss). Рецептот одамна ми беше запишан во тефтер, па прелистувајќи го, го здогледав и одлучив да го направам. Токму во вистинско време кога ни требаше нешто брзо, лесно и едноставно за вечера…

Потребни состојки: 1 јајце, 200 мл јогурт, 400 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 130 г сирење, 130 г кашкавал, 130 г шунка, 1 лажичка оригано и 3 лажици кечап

Постапка: Шунката, кашкавалот и сирењето се рендаат ситно. Од сите состојки се замесува хомогено тесто, кое го развлекуваме во кора на набрашнета работна површина, со дебелина од околу 0,5 см. Кората се сече на коцки.

Веднаш се пржат во загреано масло по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат, па се редат врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Служете ги топли, но вкусни се и кога се изладени, со чаша јогурт, кисело млеко или нешто по ваша желба.

III РЕЦЕПТ – Наједноставниот појадок готов за неколку минути – пирошки со компир.

Многу вкусни и едноставни мини пирошки. Може да ги приготвувате од сварен компир, но истиот можете да го искористите доколку ви останало непотрошено компир-пире од претходниот оброк.

Потребни состојки: 750 г компир, 100 г брашно, 1 лажица сув зачин (вегета), 150 г кашкавал, 40 г маргарин/путер, 2 жолчки, мускатно оревче. За похување: презла, јајце, масло за пржење.

Постапка: Компирот сварете го во лушпа, излупете го и испасирајте го. Додадете брашно, зачини, рендано оревче, жолчки и путер. Убаво промешајте и измесете додека да добиете изедначено тесто.

Обликувајте крокети, а во секое втиснете стапче кашкавал. Вака добиените крокети валкајте ги во брашно, па во јајца, па во лебни трошки и пржете ги умерено загреано масло. Може да ги јадете самостојно, но може и како прилог со месо.