Ја имам испробано на повеќе места, но сите беа со бело пилешко месо, кое инаку го сакам, но сепак, нешто ми недостигаше. Кога пред цела година го видов рецептот на Џејми Оливер знаев дека тоа е тоа! Да се разбереме, ова нема врска со салата, како прилог, ова е комплетно јадење, но секако, вие тоа веќе го знаете < 3

Потребни состојки:

2 чешниња лук

Малку свеж рузмарин (неколку гранчиња)

4 батаци заедно со карабатак

2 чабата италијански бел леб (тоа е оној што личи на лепиња, воздушест, со големи дупки во него)

8 ленти сланина/панцета

2 филети инчун риба

1 лимон

50 г пармезан

4 лажици крем crème fraiche (млечен крем, како кисела павлака)

Морска сол, свежо мелен црн пипер, маслиново масло

Зелена салата: марула, Ајсберг, Ендивија

240 мл течна павлака

1 лажица јогурт

Постапка:

Прво пригответе го кремот crème fraiche за што треба малку време, но можете и готов да си го купите.

Се загрева мноху малку и внимателно течната павлака, па се префрла во стаклена тегла, се додава една лажица јогурт, се промешува, се покрива со проѕирна фолија и оставете на собна температура од 21 до 24 степени, околу 24 часа. И тоа е се’. После 24 часа кремот ставете го во фрижидер и има рок од 7-10 дена, со тоа што вкусот е поинетензивен и кремот станува погуст како минува времето.

За Цезар салатата кремот можете да го користите и малку порано, односно после изминати 24 часа. Вкусот е слаткаст во почетокот. Кремот можете да го засладите со мед и да го прелиете преку овошје (бобинки), да го користите за разни дресизи, преку печен зеленчук или лосос. Можностите се многубројни.

А сега салатата:

Во аван ставете ситно сечкан или изрендан лук (едно чешне), додадете полн прстофат сол и толчете додека да се направи паста. Додадете иглички од свеж рузмарин, па продолжете со толчење, а на крај малку маслиново масло и свежо смелен црн пипер.

Сето убаво соединете го и со ова добро втријте ги батаците.  Наредете ги во одговарачки плех и печете ги околу 45 минути во веќе загреана рерна, најдобро ако имате грил-опција, но може и на „обично“ печење. Свртете ги по потреба. По 45 минути извадете ги батаците, на дното од плехот наредете го исечениот леб на парчиња (кришки), па вратете ги батаците ако е потребно да ги допечете. Зависи од рерната и нејзината јачина. За да не изгорат прекријте ги со фолија, а пред крај отворете ги, па обложете ги со листови сланина убаво да се запечат.

Додека се печат батаците, подгответе го дресингот. Во истиот аван истолчете две филети инчун риба, едно чешне лук рендано или сечкано, па додадете малку рендана лимонова кора, рендан пармезан, 4 лажици крем crème fraiche и зачинете со свежо мелен црн пипер. Додадете сок од половина лимон, како и малку маслиново масло, мешајќи додека да добие кремаста конзистенција.

Печените батаци оставете ги 15 минути на страна, а потоа во одговарачки сад, со раце искинете ги листовите салата, нафрлете пилешко исечкано или искинато на парчиња и исечкан леб, насечкана сланина, прелијте со дресинг и измешајте ги сите состојки добро со раце, префрлете во соодветен сад за служење, а одозгора нарендајте уште малку пармезан.