Ако понекогаш се наоѓате во ситуација да сакате да подготвите нешто ново за ручек или кога ви доаѓаат некои гости ви треба некој брз но впечатлив ручек за кој нема да се потрошите, тогаш ова е совршена идеја за вас.

Ручекот со мелено месо секогаш може да биде различен, но резултатот е секогаш предобар. Кај мене дома, кога за првпат ги направив овие ролатчиња со мелено месо, натопени во смеса за палачинки, сите беа воодушевени и оттогаш редовно се на нашата трпеза.




Постапката е многу едноставна и нема да ви одземе повеќе од 20-тина минути. Потребна ви е поголема количина на мелено месо, доколку подготвувате за повеќе луѓе. Обично еден ролат најадува многу, па нема да ви биде потребно да подготвувате многу јадење за гостите, ќе заштедите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 главица кромид, 1 кг мелено месо по ваш избор, 1 јајце, 2 лажички сол, 1 лажичка црвена зачинска пиперка, 1 лажичка оригано, 1 лажичка сув магдонос, 200 г чедар кашкавал или некој по ваш избор. И УШТЕ: 2 јајца, 150 мл млеко, 1 лажичка сол, црн пипер по вкус, 150 г брашно и масло за пржење.




ПОСТАПКА: Исечкајте го кромидот на покрупни парчиња и ставете го во блендер да се сомели во еднолична смеса. Месото ставете го во еден подлабок сад, додајте го мелениот кромид и измесете го со раце. Потоа додајте едно јајце за поубаво да се врзе месото и да биде повкусно.




Потоа зачинете со 2 лажички сол или по вкус, додајте 1 лажичка црвена зачинска пиперка, 1 лажичка оригано и 1 лажичка сув магдонос. Измешајте ги состојките во месото, додека сите подеднакво да се распоредат.

Смесата е готова со месење кога ќе забележите дека месото станало кончесто. Земете една дрвена даска и на неа обложете хартија за печење, па месото ставете го на средина.




Со помош на оклагија или со рацете развлечете го тестото во правоаголна форма (како што е прикажано на сликата подолу) и од страните убаво израмнете го. Изрендајте 200 г кашкавал (чедар, ајдамер или некој вкусен кашкавал кој лесно се растегнува) и распоредете го врз месото.




Со помош на хартијата за печење, подбутнувајте го месото од едната страна и завиткајте го во цврст ролат-салама кој треба да го ставите да се стегне во фрижидер, минимум 3 часа. По изминатото време, пред да го извадите ролатот од фрижидер, подгответе ја следнава смеса:




ЗА СМЕСАТА: Во еден сад скршете 2 јајца, изматете со жица/маталка, па додајте сол, црн пипер и 150 мл млеко. Измешајте ги состојките, па на крајот додајте го брашното. Соединете ја смесата во хомогена смеса, без грутчиња. По изминатото време, откако ролатот добро ќе се стегне, отстранете ја хартијата за печење и исечете го на помали делови, со 1 см дебелина.

Во едно тавче ставете масло за пржење и почекајте да се загрее. Натопувајте ги парчињата мелено месо со кашкавал во смесата за палачинки и пржете ги во тавчето, по 5 минути од страна, додека да фати коричка, а меленото месо однатре да се зготви. Тавчето покријте го со капак, за време на готвењето за да може целото месо убаво да омекне и да се зготви.

Кога смесата ќе фати коричка, префрлете ги ролатите на плех, обложен со хартија за печење и допечете го месото во рерна на 180 степени, уште 15 минути. По изминатото време, вадете ги ролатите на една чинија и веднаш послужете ги, додека се топли. Сите ќе ве пофалат за ова предјадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.