I Рецепт и видео презентација на Милена од Микина Кујна – Пица сендвичи од рерна. Ми остана леб од вчера, па го искористив на најдобриот можен начин. брзо, лесно, едноставно и вкусно, а од состојки можете да користите сè она што ви останало во фрижидер.

Потребни состојки: 6 парчиња леб, 100 мл млеко, 1 лажица масло, 6 лажици кечап (по една лажица од парче леб), 100 г кашкавал, 100 г шунка, чајна колбасица, печурки и малку оригано. Секако, состојките можете да ги зголемувате или намалувате по желба или да додавате нешто и по ваша желба.

Постапка: Исечете го лебот ако не е веќе исечен и наредете ги парчињата во плех обложен со хартија за печење. Во еден помал сад измешајте 100 мл млеко и една лажица масло, па со помош на лажица, рамномерно распоредете ја течноста по сите лепчиња за да се натопат.

Потоа на секое лепче ставете по една лажица кечап и убаво размачкајте преку целата површина. Тенки листови шунка или салама или нешто друго сувомеснато исечете на помали парчиња, па распоредете ги врз кечапот, подеднакво да се покријат сите лепчиња.

Распоредете и по две-три тркалца чајна колбасица за подобрување на вкусот или што и да имате во фрижидер. Одозгора изрендајте кашкавал рамномерно насекаде. Две поголеми печурки шампињони исечкајте на тенки ливчиња, па и тие наредете ги врз лепчињата.

Одозгора наросете малку суво оригано па ставете ги лепчињата да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 15 минути или додека да се запечат одозгора. Дослужете ги топли. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Највкусните топли сендвичи: Појадок или вечера за само 10 минути! Многу вкусни лепчиња, се приготвуваат за многу кратко време. Секогаш кога немате многу време, а сакате да ги изненадите со нешто вкусно вашите најмили, имајте го во предвид овој рецепт.

Потребни состојки: 150 г рендан кашкавал, 150 г шунка сечена на коцки, 2 тријаголници топено сирење (зденка), 2 лажици мајонез, 1 јајце, 1 прстофат оригано, 200 мл јогурт, леб исечен на парчиња (приближно 8), 200 мл млеко.

Постапка: Парчињата леб се натопуваат од двете страни во млеко. За фил: ги мешаме сите состојки и добро ги промешуваме со јајца, јогурт, мајонез. Плехот од рерна треба да се обложи со хартија за печење и малку да се намасти со путер. Натопените лепчиња се редат во плехот и врз нив се става од приготвениот фил. Се печат во загреана рерна на 200 степени додека малку да фатат коричка.

III РЕЦЕПТ – Одличен појадок за 10 минути – “Пржени” лепчиња од рерна / Фотографија и рецепт на Снежана Кнежевиќ. Брз и вкусен појадок. На овој начин лепчињата најмалку впиваат масло..

Потребни состојки: 5-6 јајца, 200 г ситно сирење, 500 мл млеко, 1 лажичка морска сол, 2 лажици маслиново масло, 11 парчиња леб, 1-2 лажички оригано, кечап, сирење, јогурт, кефир, доматен сок како прилог.

Постапка: Исечете го лепот на парчиња, а доколку веќе имате исечен, уште подобро. Во одговарачки сад искршете ги јајцата, додадете сол и изматете со виљушка. Додадете сирење, млеко и масло и само уште еднаш промешајте за да се соедини.

Натопувајте ги парчињата леб, па свртете ги да се натопат и од другата страна. Лебот редете го во плех обложен со хартија за печење. Наросете го одозгора со оригано. За тоа време, вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Ставете го плехот во рерна и печете го лебот додека да зарумени.

Кај мене се готови за 10 минути, бидејќи користам вентилатор со топол воздух. Пржените лепчиња извадете ги од рерна, покријте ги и оставете ги малку да подизладат. Послужете ги со прилог по желба. Ние користевме домашен кечап. / Фотографија и рецепт на Снежана Кнежевиќ