Многу брза и лесна подготовка. Она што е најважно во целиот рецепт е да пронајдете убави и квалитетни кори, зошто некогаш ми се случувало да купам премногу суви и кршливи, или пак, откако ќе ги отворам во средината да пронајдам мувла.

Штом ќе ви се погодат убави корите, питата ќе излезе совршено вкусна, како тукушто да сте сами да сте ги развлекувале корите. Што се однесува до филот, кај мене дома најмногу ми ја сакаат со сирење, но може да се приготви со каков било друг фил.

Потребни состојки: 500 г готови кори за пита, 300 г сирење, 2 јајца, масло и сол. За прелив: 1 сув квасец, 1 прстофат шеќер, 1 лажичка сол, 3 јајца, 4 шолји (мали за кафе) млеко, 2 шолји масло и 3 шолји брашно. Постапката е многу лесна.

Постапка: во сувиот квасец додајте малку топла вода, а потоа ставете шеќер. Оставете на страна 10-тина минути додека да запени. Откако ќе се активира, додајте ги јајцата кои претходно сте ги извадиле од фрижидер и се стоплиле на собна температура.

Во смесата додајте го млекото (исто така на собна температура или малку замлачено) и маслото, а на крај додајте просеано брашно во кое сте додале малку сол. Сето добро измешајте го да нема грутчиња. Ќе добиете густа смеса.

Фил од сирење: сирењето издробете го ситно и додајте го во изматените јајца, па посолете по вкус и измешајте. Постапка за корите: ставете ја првата кора, премачкајте ја со преливот, потоа ставете втора кора, премачкајте, па трета кора, исто така премачкајте. Врз третата кора ставете фил од сирење.

Ивиците добро затворете ги за да не истекува сирењето и свиткајте како ролат. Избројте ги корите и добро поделете го сирењето за да ви стигне за сите ролати. Оставете ги ролатите да одморат околу 30-40 минути за убаво да го впијат преливот.

Тепсијата треба да биде намастена пред да ги ставите ролатите. Откако ќе отстои, питата ставете ја да се пече во претходно добро загреана рерна, околу 40 минути на 200-220 степени или додека да зарумени.

Зависи како ви пече рерната: ако за кратко време фати боја одозгора, спуштете ја решетката подолу и ставете хартија за печење одозгора, па допечете ја питата. Прочитајте го и следниот рецепт на Рената Трајчевска:

Брза пита со готови кори по најдобриот рецепт

Постојат многу рецепти за пита со готови кори и секој е најдобар на свој начин, но откако ќе го пробате овој, ќе знаете дека веројатно сте го пронашле вистинскиот. Оваа пита лесно се приготвува а крајниот резултат не се разликува многу од питите со домашно развлекувани кори.

Потребни состојки: 500 г кори за пита, 600-700 г мелено месо мешано, 2 главици кромид, масло за да се запржи месото, сув зачин, црн пипер, сол по вкус

За премачкување: 4 јајца, 200 мл млеко, 200 мл јогурт, 100 мл масло, 1 чаша од 200 мл брашно, 1 прашок за печиво

Постапка: во подлабок сад јајцата изматете ги, па додајте млеко, јогурт, масло, лажичка сол, брашно и прашок за печиво. Убаво соединете да нема грутчиња, па оставете да отстои додека го приготвувате филот од мелено месо.

Во тава ставете малку масло, сол и ситно сечкан кромид. Кога малку ќе се запржи кромидот додајте го меленото месо, па со виљушка иситнете го. Посолете го месото, па зачинете го со црн пипер и сув зачин (вегета) или по вкус и убаво запржете додека да испари течноста и да добие убава боја.

Отворете ги корите и избројте ги, би требало да бидат 16 на број. Поделете ги на 4 купчиња по 4 кори, односно ќе добиете 4 ролати. Трите кори се премачкуваат со приготвениот прелив, а врз четвртата кора се става фил од месо.

Секоја кора се премачкува преку целата површина со 4-5 лажици од преливот. Филот од месо поделете го на 4 дела, за да имате доволно и рамномерно да го распоредите. Откако ќе го нанесете врз 4.кора, свиткајте го внимателно ролатот.

Вака приготвените ролати наредете ги во плех обложен со хартија за печење, а одозгора премачкјате ги со остатокот од преливот и наросете со сусам. Оставете малку да отстојат додека се загрева рерната на 200 степени. Ставете да се печат во претходно загреаната рерна околу 20 минути.