Иако моментално не е сезона на вишните, овој рецепт кај нас дома никогаш не здосадува и го правам преку целата година. Најчесто, си чувам замрзнати вишни кои ги набрав летово, но колачот може да го правите со кое било црвено бобесто овошје, кое е замрзнато. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 пакување готови кори, 4 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша масло, 1 чаша јогурт, 1 чаша гриз, 1 прашок за печиво, 700-800 г вишни или замрзнато бобесто овошје. ЗА ПРЕЛИВ: 4 чаши вода, 2 чаши шеќер, 1 ванилин шеќер.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): кори за пита, замрзнато бобесто овошје, за филот од гриз (мерка за шолја – оние чашки од јогурт): 2-3 јајца, 2 течни јогурти, 1 ½ шолја шеќер, 2 ванилин шеќер, ½ шолја масло, ½ прашок за печиво, 1 ½ шолја гриз.

ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Мерката на чашата е 180 мл, од јогурт. Прво пригответе го филот. Јајцата и шеќерот пенасто изматете ги со миксер. Додајте гриз помешан со прашок за печиво, масло и јогурт. Сето заедно изматете ги уште малку додека да се поврзат состојките.




Отворете ги корите, пребројте ги, па разделете ги и поделете ги на 6 купчиња по 3 кори. Останатите кори, ако ви преостанат, тргнете ги настрана и искористете ги за нешто друго. Овде ви се потребни само 18 кори за 6 фини и тенки ролатчиња.




Првата кора раширете ја и премачкајте ја со 4-5 лажици фил, втората ставете ја преку неа, ја повторувате постапката и ја редите третата кора. Неа не ја премачкувате со фил туку на еден крај редите вишни или замрзнато црвено овошје.




Направете еден ред густо наредено овошје едно до друго за да биде питата богата и убаво тркалезна кога ќе го свиткате во ролат. Овошјето може да го распоредите и преку целата кора, но на овој начин убаво се задржува обликот, а филот е во средината од ролатот. Значи откако ќе го наредите овошјето свиткајте ги корите во тенок ролат лесно притискајќи го и обликувајќи го.




Истото повторете го и со останатите кори. Плехот од рерната премачкајте го со малку масло и редете ги ролатите оставајќи мало растојание помеѓу нив. Питата испрскајте ја одозгора со малку масло пред печењето.




Питата печете ја во загреана рерна на 180 степени додека убаво да зарумени одозгора. Мене ми беше потребно околу 15 минути, а вие должината на печењето прилагодете ја според вашата рерна. Извадете ја печената пита од рерна и оставете ја да излади. Ладната пита исечете ја на парчиња и прелијте ја со врел сируп кој се приготвува на следниот начин:




За сируп: Шеќерот ставете го во тенџере заедно со ванилиниот шеќер и прелијте со вода, па варете варете додека да проврие повремено мешајќи за да се растопи шеќерот. Варете 10-тина минути, не треба да биде густо како за баклава. Врелиот сируп прелијте го преку изладената и исечена пита, оставете да излади малку, па послужете.

ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Јајцата добро изматете ги со шеќер и ванилин шеќер. Додајте јогурт, масло, гриз и прашок за печиво. Измешајте и оставете да отстои околу половина час за да може гризот убаво да ја впие течноста.




Првата кора намачкајте ја со смесата од гриз, па ставете ја втората кора која исто така треба да се премачка со смесата. Се става третата кора врз која се распоредуваат вишните или друго овошје. Убаво се свиткува и се реди во намастен плех за печење.

Постапката ја повторуваме додека да ги потрошиме сите кори. Со вишокот кој ќе остане од смесата, едноставно ја прелеваме питата одозгора. Ставете да се пече во претходно загреана рерна, на 180 степени околу 40 минути.

Оставете да излади па послужете со изматена слатка павлака или шлаг. Наместо вишни можете да користете било кое друго овошје, на пример капини, малини, шумско овошје… или рендани јаболка.