Ова е еден од оние прекрасни колачи кои се приготвуваат со генерации наназад, осмислем многу одамна од нашите баби. Заслужно, сè уште се наоѓа на нашите трпези и редовно се приготвува како секојдневна слатка закуска, но и за некои свечени пригоди. На сите им е познат под името „Чупава Ката“, а еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто: 250 г маргарин или путер, 5 супени лажици шеќер, 4 жолчки, 300-350 г брашно и 1 кесичка прашок за печиво (10 г). ЗА ФИЛ: 4 белки, 7 супени лажици шеќер, 3 полни супени лажици џем од сливи (или каков сакате по ваш вкус), 150 г мелени ореви




ПОСТАПКА: Во посебен сад измерете и просејте 300 г брашно. Во друг сад оставете го путерот да омекне на собна температура, а потоа додајте му го шеќерот и пенасто изматете го со миксер додека да се растопи шеќерот и да се добие кремаста структура.




Потоа додајте четири жолчки и повторно изматете додека да се соединат со путерот и изедначат. Додајте половина од вкупното брашно и една кесичка прашок за печиво, па повторно изматете со миксерот до изедначување.




Остатокот од брашното додавајте го постепено, малку по малку, додека може да се мати со миксерот, а кога ќе ги додавате последните 50 г брашно, замесете со рака. Количината на брашното може да варира и зависи од големината на јајцата и дали користите путер или маргарин.




Во рецептот користевме јајца со величина „L“ и потрошивме 350 г брашно. На крај замесете меко тесто кое не се лепи за рака. Подолете го одокативно на два дела, така што едниот да биде поголем од другиот, приближно две третини со една третина.




Двете теста ставете ги во кеса и оставете ги во фрижидер еден час или во замрзнувач половина час. Извадете го поголемото тесто и ставете го врз набрашнета површина. посипете го одозгора со малку брашно, па со рацете обликувајте го во правоаголник, а потоа со оклагија развлечете го според димензиите на плехот во кој ќе се пече (23х33 см).




Со помош на оклагијата префрлете го во плехот и ако некаде се залепи и поткине, не грижете се, ќе го дооформите тестото со рака, внатре во плехот. За фил: пенасто изматете ги белките со постепено додавање на шеќерот, лажица по лажица. потоа додајте го џемот и кратко изматете. Па на крај додајте ги мелените ореви и пак изматете со помала брзина додека да се изедначи.




Целиот фил распоредете го врз тестото и израмнете. Земете го оној помал дел тесто (кој најдобро е да отстојал во замрзнувач) и изрендајте го врз филот со крупната страна од рендето.

Израмнете уште малку со раце и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 25 – 30 минути. Треба да остане светол и на допир мек. Оставете го да се олади, па наросете го со шеќер во прав и послужете го. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.