Moите дома ја нарекуваат пита од компир и зеленчуци, а јас им викам дека е солена торта. Вкусна, лесна и здрава идеја за ручек која може да ја јадете додека сте на диета или некој режим на исхрана. Се прави многу лесно, а заситува бидејќи изобилува со многу нутритивни својства.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г варени компири, 30 г несолен путер, 50 мл млеко, 1 јајце, 150 г брашно, 1 кромид, 1 поголем морков, 500 г печурки по ваш избор, маслиново масло, сол, црн пипер, 150 г рендан кашкавал и малку копар за наросување.




ПОСТАПКА: Компирите сварете ги на класичен начин додека да омекнат во солена вода за да може да се изгмечат во пире. Кога ќе ги сварите, процедете ја водата од нив и изгмечете ги со виљушка. Посолете ги, но запамтете колку сол ставате бидејќи и во останатите состојки се става сол, па да не го пресолите јадењето.




Потоа во пирето додајте коцка путер и мешајте додека да се растопи. Додајте го млекото и јајцето. Измешајте додека состојките да се инкорпорираат во пирето, а на крајот додајте го брашното. Фино измешајте го тестото додека да биде без грутки од брашно.

Тестото треба да биде воздушесто и вискозно. Ставете го во калап со флексибилен обрач (мојот е со пречник од 18 см) и обложен на дното со хартија за печење. Добро измазнете ја смесата, а на страните направете да биде малку повисока.




Кромидот исечкајте го ситно и ставете го да се пропржи на тивко во малку маслиново масло. Во него додајте го и ренданиот морков. Гответе додека течностите да испарат, а кромидот стане транспарентен. Посолете. Отприлика ќе биде потребно да готвите уште 2-3 минути откога ќе го ставите морковот.




Потоа тргнете ја смесата настрана и почекајте да се излади. Во меѓувреме, во истото тавче пропржете ги печурките (ако е потребно претходно исечкајте ги на помали парчиња доколку не се) и пржете ги додека да добијат златна боја. Зачинете со сол и црн пипер.

Половина од смесата за печурки наредете ја во еден слој врз пирето. Потоа одозгора ставете ги пропржениот кромид и морковот и на крајот завршете со втората половина од печурките. Завиткајте го садот со алуминиумска фолија и печете на 180 степени, 25 минути.




По изминатото време, извадете ја фолијата и одозгора изрендајте го кашкавалот, па вратете на печење на истата температура уште 7-8 минути додека кашкавалот да фати коричка.

По печењето, одозгора декорирајте со свежо сечкан копар. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Пита со праз и сирење – втор рецепт:

(ВТОР РЕЦЕПТ, ПИТА СО ПРАЗ И СИРЕЊЕ) ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г праз (околу 4 поголеми страка), 400 мл топло млеко, 250 г брашно, 250 г сирење, 8 г прашок за печиво или ½ кесичка, 4 јајца, сол и црн пипер по вкус, масло.

ПОСТАПКА: Празот исчистете го, расечете го на половина, па добро измијте го по млаз ладна вода. Исечете го по должина, на полукругови и испржете го на загреано масло. Откако ќе омекне, оставете г да излади.

Во подлабок сад ставете брашно, изматени јајца со виљушка, прашок за печиво, млако млеко, издробено сирење, посолете и запиперете по вкус. Убаво промешајте за да се соединат состојките.




Смесата излејте ја во добро намастена тркалезна тепсија (или плех со средна величина) и ставете да се пече половина час во претходно загреана рерна на 200 степени.

Готовата пита превртете ја врз чинија за послужување, исечете ја на парчиња и послужете ја со некое убаво бело вино или јогурт. Може да биде неделен појадок или вечера, а може да се послужи и како предјадење или закуска за гостите.

Оригиналниот рецепт е од “Храна и вино” на Весна Талеска, но не е наведена величината на тепсијата. Јас користев со пречник од 26 см, ми излезе малку подебела од нејзината, па затоа ја печев 45 минути на 180 степени. Што значи, според тепсијата прилагодете го печењето.

Оваа пита подеднакво е убава и кога е ладна, дури за мене и поубава. Ако сакате потенка пита, печете ја во тепсија со пречник од 30 см и подесете го времето на печење според вашата рерна.