Потребни состојки:

500 г средно дебели кори за пита

за фил:

2 китки блитва (во една има околу 5-6 големи листови блитва)

300 г сирење

3 лажици кисела павлака

3 јајца

За премачкување на корите:

1 чаша (од 200 мл) газирана вода

1 чаша јогурт

1 чаша масло

1 чаша пченкарно брашно (фино мелено, не палента)

1 прашок за печиво

1 лажичка сол

Постапка:

Направете го филот: блитавата измијте ја убаво, ситно исечкајте ја, посолете и оставете така да отстои 15-тина минути. Со раце добро истискајте ја и исцедете ја блитвата, додадете ситно сирење, 3 јајца и 3 лажици кисела павлака.

Направете го преливот за кори: Во еден сад ставете 1 чаша газирана вода, масло, јогурт, пченкарно брашно, прашок за печиво и сол. Смесата изматете ја за да се соедини.

Земете една кора и премачкајте ја со 2 лажици од преливот (ако корите се потенки ставајте по 2 лажици, а ако се подебели по 3 лажици), па врз неа ставете втора кора, повторно прелив, трета кора, прелив. Преку третата кора распоредете фил од блитва и сирење.

Премачканите кори свиткајте ги во ролат и редете ги во плех обложен со хартија. Истото повторете го со остатокот од корите. Излегуваат 6 ролати со по 3 кори.

Питата одозгора премачкајте ја со преостанатиот прелив, по желба можете да наросете сусам, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 30 минути, во зависнос од рерната, додека да добие убава златножолта боја. Покријте ја со крпа 5 минути, па сечете и послужете.