Фото и рецепт на Верица Николиќ – Пита со два вида сирење

Ова е нешто помеѓу пита и пица и многу е вкусно. Тестото е многу вкусно, па можете да го искористите за приготвување и на друг вид печива. Она што е интересно кај оваа пита е плетката на работ од засечените ленти со кои се добива впечатлива и многу декоративна плетенка.

Потребни состојки:

460 г брашно
2 лажици сув квасец
1 лажица шеќер
2 полни кажици масло
2 полни лажици јогурт
1 лажичка сол
1 јајце
200 мл топло млеко

За фил:

2 полни лажици доматно пире
1 полна лажица масло
1 лажичка оригано
150 г тенко сечкан сув врат
260 г домашно кравјо сирење
1 белка
1 лажичка тимијан
1 лута пиперка
½ главица виолетов кромид
маслинки
шери домати
200 г кашкавал (трапист, едамер…)

За премачкување на тестото:

1 жолчка
1 лажичка масло
1 лажица млеко

Постапка:

За тесто: Во длабок сад ставете го тестото, додадете шеќер, сол и квасец. Промешајте со лажица. Потоа додадете масло, јогурт, јајце и млеко, па замесете го тестото. Замесеното тесто обликувајте го во топка, покријте го со проѕирна фолија и оставете го половина час да стасува на собна температура.

Доматното пире ставете го во помала чинија, додадете лажица масло и добро соединете. Кравјото сирење ставете го во подлабока чинија и со виљушка издробете го. Додадете белка и тимијан, па соединете добро со сирењето. Лутото пиперче исечете го на кругови, кромидот на ленти, а маслинките и шери доматите пресечете ги на половинки.

После половина час стасување, тестото истресете го на набрашнета подлога и прво со раце развлечете го во круг, а потоа продолжете со оклагија. Треба да се добие кора со пречник од 40 см.

Развлечената кора префрлете ја на хартија. Во средината од тестото ставете чинија со пречник од 29 см. Делот од кората кој не е поклопен со чинијата исечете го на тенки ленти со широчина од 1,5 см. Тргнете ја чинијата.

Земете една лентичка, подигнете ја и префрлете ја преку средишниот круг налево. Потоа следната лента префрлете ја преку неа, на десната страна. Една лента прескокнете, па следната префрлете ја на десно, а прескокната лента преку неа кон лево (види фото)…

Внатрешната страна на кругот притискајте ја со прстите, за да не се подигнат лентите при печењето, а целата средина од кругот избокцајте ја со виљушка. Прекријте го тестото со кујнска крпа и оставете го да стасува половина час.

Потоа внатрешноста од тестото премачкајте ја со мешавина од доматен сос и масло. Наросете со оригано. Наредете сув врат или било што сувомеснато. Одозгора наредете домашно сирење, луто пиперче, кромид, маслинки и шери домати.

Преку сето тоа наросете крупно изрендан кашкавал. Краевите од тестото премачкјате ги со мешавина од жолчка, малку млеко и масло. Ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени. Питата печете ја додека тестото да добие убава румена боја (околу 25 минути). Извадете ја и послужете ја.

Фото и рецепт на Верица Николиќ