Рецепт и видео-подготовка на Том Филос

Питата навистина е многу вкусна, однадвор крцкава, а одвнатре сочна! Едноставна и лесна за правење, ќе ве воодушеви веднаш по првиот залак.

Потребни состојки:

Плех 35х27 см
100 г интегрално брашно
400 г бело брашно
1 лажичка сол
1 лажичка шеќер
1 лажичка сув квасец
280 мл млака вода
160 г за премачкување на корите

За фил:

5 големи јаболка
1 лимон-рендана кора
100 г сечкани ореви

Постапка:

Просејте ги двете брашна во поголем сад, па додадете шеќер, квасец и сол. Измешајте ги убаво, па започнете постепено да додавате вода. Месете со маталка или миксер со продолжетоци за тесто, додека да се формира топка, а потоа продолжете го месењето рачно. Откако на работната површина ќе добиете мазно и еластично тесто кое не се лепи, поделете го на два еднакви делови.

Со помош на оклагија формирајте правоаголна кора, а одозгора преку целата површина премачкајте ја со 80 г омекнат путер. Потоа кората засечете ја како што е опишано во видеото и спакувајте ја како што тоа вообичаено се прави за лиснато тесто. Вака спакуваната коцка од тесто завиткајте ја во проѕирна фолија и оставете ја во фрижидер да отстои половина час. Повторете ја постапката и со втората половина од тестото.

Плехот намастете го со путер. Јаболката измијте ги, излупете ги и исчистете ги од семето, а потоа изрендајте ги. Додадете рендана кора од еден лимон и 100 г ситно сечкани ореви.

На набрашнета површина развлечете правоаголна кора, малку поголема од плехот, па нанесете ја како подлога и обложете ги страните. Рамномерно распоредете го филот, па поклопете со втората кора. Подвиткајте ги внатре краевите. Одозгора на повеќе места ставете парчиња путер и наросете шеќер кристал.

Питата ставете ја да се пече во загреана рерна на 220 степени околу половина час. Штом ја извадите од рерна кога е печена, малку испрскајте ја со вода и покријте ја со крпа додека малку да излади. Потоа сечете ја и одозгора обилно наросете ја со шеќер во прав. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: