Петолебие за здравје, среќа и бериќет – се носи во петоците на велигденските пости

Фото и рецепт: Јованка Ана Ризовска

Петолебието се прави на Вечерната богослужба спроти празникот кој го славиме, во спомен на Христовото чудо кога со петте леба нахранил пет илјади луѓе, а тоа се споменува и во самата молитва за благослов на лебот, пченицата, маслото и виното со прозба тоа да се умножи во целиот град, целата татковина и во сиот свет, а верните кои ќе јадат од нив да се осветат.

Се месат четири помали и едно поголемо лепче, се носат в црква каде свештеникот ги осветува со молитвена песна.

Од петте леба, еден кој е благословен се носи дома каде домашните и гостите го јадат за здравје, среќа, радост и исполнување на желба.

Освен петолебие се носи масло, вино и неварена пченица за бериќет во фамилијата, 5 свеќи и ливче со напишани имиња од членовите на семејството.

Секој петок до Велигден се прави петолебие освен тој пред Лазар.

РЕЦЕПТ

Тестото е обично како за посен леб. Брашно се додава по потреба а тестото не треба да се лепи за раце.

Овојпат јас направив поголема количина, па од остатокот на тестото си направив и други работи.

Ставив 3 лажици сув квасец, 2 лажици шеќер, 3 лажици сол и 1700 мл млака вода. Лепчињата ги печев на 180-200 степени во претходно загреана рерна, околу половина час.

Се прават 4 помали и едно поголемо лепче, а додека се меси тестото се повторува молитвата и желбата која му ја упатувате на Бога.

Потребни состојки:

750 г брашно +-

1 лажичка сол

1 лажица шеќер

1,5 пакетче сув квасец

400-450 мл млака вода +-

Постапка:

Сите суви состојки се ставаат во длабок сад и со постепено додавање на млаката вода се замесува средно меко тесто кое не лепи на раце.

Во зависност од брашното кое го користите, можеби ќе треба количината на водата да ја зголемите или намалите.

Тестото ставете го во набрашнет длабок сад, покријте го со крпа или проѕирна фолија и ставете го садот во топла вода (бања) или на топло место да стои 30-тина минути или додека тестото да го удвои волуменот.

Премесете го тестото и повторно вратете го во набрашнетиот сад, покријте со фолија или крпа, и ставете го на топло следните 30 минути да стасува.

Потоа поделете го тестото на 10 делови (8 еднакви а 2 поголеми од останатите). Секој дел расукајте го во тркалезна форма.

По две се лепат едно на друго (едното лепче премачкајте го со млака вода и одозгора ставете го второто). Поскурникот (дрвен печат) набрашнете го и притиснете го тестото одозгора. Вака подгответе вкупно пет лепчиња. 

Доколку сакате, можете веднаш да го поделите тестото на пет делови и да ги формирате лепчињата.

Ставете ги во убаво набрашнет плех, покријте ги со крпа и оставете да киснат околу 30 минути. 

Печете ги околу 20 минути на 180-200 степени во претходно загреана рерна.

Фото и рецепт: Јованка Ана Ризовска

Loading...