Ова е омилената зимска салата која може да се послужи како прилог со различни јадења. Ќе ви претставиме два едноставни рецепти за „Пеглани пиперки“, а подолу можете да ги прочитате и коментарите и рецептите на нашите читатели, пишува НМД. Пиперките можете да ги печете во рерна или на рингла, да ги редите исчистени, полнети, на филети или цели сосе дршка.

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 40 пиперки, 2 главици лук, масло, оцет и магдонос по вкус. ПОСТАПКА: Измијте ги пиперките и избришете ги со кујнска крпа, наредете ги во плех од рерна обложен со хартија и малку намастен, па секоја пиперка премачкјате ја со малку масло.




Испечете ги во загреана рерна на 200 степени околу 30-40 минути. Печените пиперки ставете ги во кеса и оставете да се подизладат, а потоа излупете ги и исчистете ги од семето и дршките. оставете ги на цедалка целосно да се оладат и да го испуштат вишокот сок.




Потоа редете ги во стерилизирани тегли на следниот начин: прво ставете ред пиперки, потоа посолете по вкус, па залијте масло и оцет и наросете ситно сечкан лук и магдонос. Повторувајте ја постапката додека да ја исполните теглата. Оваа количина е доволна за 5-6 тегли со средна величина. Вториот рецепт е од многу одамна, а го користеа нашите баби:




Во рецептот се спомнуваат мерки во чаша и шолјичка. Една чаша е од 200 мл, а една шолјичка е од 100 мл. Рецептот е многу едноставен, а пиперките приготвени на овој начин излегуваат премногу вкусни. Сите ќе ви го бараат рецептот, еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 кг црвени меснати пиперки 5 шолјички масло, 2 шолјички сол, 2 шолјички шеќер, 1 чаша есенција, 2-3 главици лук, ½ кесичка црн пипер во зрно и по желба некоја лута пиперка. ПОСТАПКА: Пиперките добро измијте ги, извадете им ги дршките и семето, па редете ги по ширина во еден поголем, широк сад.




Секој ред наросувајте го со сол, шеќер, есенција и масло и така оставете ги поклопени да отстојат неколку часови. Ако ги исечете на долги парчиња – филети, ќе им биде потребно помалку време за саламурење.




Повремено пиперките добро промешувајте ги за да може секоја пиперка рамномерно да биде опфатена од оваа мешавина. Пиперките или филетите редете ги во добро измиени и стерилизирани тегли, а помеѓу редете сечкан лук и лист од целер, по желба.




Наполнетите тегли дополнете ги со течноста која ја испуштиле пиперките и добро затворете ги со оригинални капаци, па наредете ги со останатата зимница. Во продолжение прочитајте ги рецептите на нашите читатели:

Коментар на Сузана Коцевска: „Филот се става во самата пиперка, се реди во тенџере и со друго тенџере одозгора се притиска и се остава еден ден. Следниот ден се собира во тегли и се притискаат, помеѓу се става магдонос, лук и на крај се прелива течноста. Прекрасни се.”




Коментар на Зорица Стефанова: „Најдобри и испробани за 5 кг зеленчук: 1 литар бел оцет 9%, 400 г шеќер, 100 г сол, 120 мл масло – се става да зоврие, па во него се пропуштаат пиперките претходно исчистен од семето, колку да сменат боја, па се редат во тегла. Се додава лук и магдонос по желба и салицил, одозгора се полева со врелиот прелив и се затвора. Во него може да се додава и модар патлиџан исечен по должина. На здравје, ги правиме веќе 50 години”.

Коментар на Санела Турковиќ Тутиќ: „Јас ги ставам на друг начин, ги чистам од семе и дршка, па секоја пиперка ја подмастувам и ги редам во тепсија и во рерна малку да се загреат. На страна во тенџере ставам оцет, масло, сол и шеќер да изврие, па после во тегли врели ги редам и ставам магдонос, лук од сè по малку и водата со оцетот и така до крај ги полнам и ги затворам, екстра се тврди и крцкави, пиперките имаат долг рок”.

Доколку ве интресира како да ги испечете на рингла (според „Сашина кујна, тоа е најдобриот начин, бидејќи пиперката не ги губи соковите, туку остануваат во неа), погледнете ја целата постапка во видеото ОВДЕ.