Здраво, јас сум Каро Трипар од Буенос Аирес, Аргентина, а моментално живеам во Лондон, Англија. Би сакала да ви го претставам рецептот кој го имам наследено во моето семејство, и да ви покажам како се приготвува најмекиот, памучен леб.

Овој рецепт е сон за секој што сака печива, а особено е погоден бидејќи филот може да биде подеднакво солен и сладок. Лебот може да го филувате со пржен кромид, со сирење, месо и слично, или пак да го полните со крем, џем, чоколадо, цимет и слично. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 80 мл топло млеко, 3 г сув квасец (1 лажичка сув или 10 г свеж квасец), 300 г брашно, 5 г сол, 15 г шеќер за солена варијанта или 30 г шеќер за слатка варијанта, 1 јајце (55 г), 130 мл слатка/неутрална павлака. Фил по вкус: 50 г сува брусница/џем/чоколаден намаз/ореви (може и без фил).

ПОСТАПКА: Во еден сад растворете го квасецот во топло млеко со една лажица шеќер и една лажица брашно. Промешајте добро за да нема грутчиња и оставете го 10-тина минути на топло место додека да се активира и да запени.

Во поголем сад за матење просејте го брашното, додајте ја солта и остатокот од шеќерот (за слатка варијанта). Промешајте, па во средината направете вдлабнување и додајте ја течната павлака и едното јајце кои треба да бидат на собна температура (да не се директно од фрижидер затоа што ќе ја прекинат ферментацијата на квасецот).

На крај додајте го и активираниот квасец. Доколку имате миксер за тесто, само додајте ги сите состојки и пуштете го да микса додека да се добие меко и мазно тесто кое се двои од ѕидовите на садот.

Ако го месите тестото рачно, тогаш ќе ви бидат потребни неколку минути додека да ја постигнете посакуваната еластичност. Најпрво тестото ќе биде доста меко и лепливо за рака, па може да додадете уште една лажица брашно за домесување.

После пет минути тоа би требало да е готово. Формирајте топка и покријте го со проѕирна фолија. Оставете го да стасува на топло место околу еден час додека да го удвои својот волумен.

Во меѓувреме подгответе го филот што ќе го користите или едноставно исечкајте ги брусниците што ќе ги користите за филот. Калапот со димензија 20 см намастете го и обложете го со хартија за печење.

Стасаното тесто истресете го на малку набрашнета работна површина и поделете го на приближно пет еднакви делови. Од секој дел формирајте топче. Покријте ги повторно со проѕирна фолија и оставете ги да стасаат 20-тина минути.

Од секое топче со помош на оклагија развлечете овална кора. Едната половина исечкајте ја на тенки лентички, а на другата нанесете фил (сечкано суво овошје, џем, еурокрем или нешто друго по желба). Потоа свиткајте ги двата краја (како кога виткате сарма) и свиткајте ја ролничката.

Вака приготвените ролнички наредете ги кружно во подготвениот калап. Покријте ја погачата со проѕирна фолија и оставете ја на топло место да стасува околу еден час додека да се удвои. Потоа со кујнска четка премачкјате ја со млеко или со изматено јајце (по желба).

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени околу 17-20 минути. Печениот леб/погача оставете го да се подизлади, па извадете го од калапот и послужете го. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.