Обожавам сè што е со ореви, ама буквално, сè. Одамна ги немав направено на овој начин, зашто колку и да направам никогаш не е доста и за многу кратко сè се изедува. Освен ореви, можете да користите и лешник. Најпрво ќе ви го напшишам рецептот за тестото за палачинки, а потоа и за „тртата“ од палачинки со ореви. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто за палачинки: 4 јајца, 400 г брашно, 400 мл млеко, 400 мл газирана вода, 4 лажици масло, малку сол и 1 кесичка ванилин шеќер (10 г). Како што можете да забележите, се става сè по 4 од состојките што е многу интересно и лесно за памтење. Овие палачинки се многу фини и меки и не се нималку масни ниту гумени кога ќе се гризнат, а можете да ги филувате по желба, сите вкусови добро им стојат.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за торта од палачинки со ореви: 12 палачинки, 200 г мелени ореви (по 2 супени лажици за секоја палачинка), 24 лажици шеќер (по 2 супени лажици за секоја палачинка, не е многу ако така ви делува, моите сакаат уште послатко од ова), 200 мл слатка павлака, 100 мл вода, малку масло




ПОСТАПКА за палачинките: Јајцата изматете ги со жица, па додајте половина од брашното и млеко, па сето добро соединете го. Потоа додајте ја втората половина од брашното и млекото, малку сол, ванилин шеќер и масло, па соединете да нема грутчиња. На крај додајте ја газираната вода и добро промешајте да се изедначи и стане мазна.




Смесата оставете ја покриена еден час да одмори во фрижидер. За тоа време убаво ќе се спојат состојките и подобро ќе се пече тестото, а палачинките од прва до последна ќе бидат исти по дебелина. Тавчето за палачинки намастете го со малку масло и добро загрејте го, а потоа излејте една кутлача од смесата во него.




Брзо и рамомерно разлејте на сите страни и печете неколку секунди од едната страна, па превртете и на другата страна, печете исто толку или пократко. Печените палачинки редете ги една врз друга, најгорната поклопете ја со со втората превртена на чинијата и филувајте по желба или направете ја „тортата“ со ореви:




ПОСТАПКА за тортата: земете тркалезен калап за торти со пречник сличен на палачинките. Ако употребите поголема тепсија, тогаш филот ќе се разлее наоколу и нема да го впијат палачинките. Не е ниту тоа проблем, само што после ќе треба да го собирате.. Намастете го со масло на дното и страните.




Подгответе ги оревите и шеќерот. Како што ги печете палачинките, така веднаш додека се врели редете ги во тепсијата. Секоја палачинка посипувајте ја со две супени лажици мелени ореви и две супени лажици шеќер. Ако сакате повисока торта, ставете повеќе палачинки, а соодветно зголемете ги и останатите состојки.




Исто постапете и со последната палачинка која е најгоре. Слатката вода помешајте ја со водата и со таа мешавина залијте ја тортата од палачинки. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 20-тина минути или колку шеќерот да се растопи, а вкусовите да се соединат.




Печената торта оставете да се олади, па сечете ја и послужете ја. Одлична е да се јаде и топла, така најбрзо се изедува. Ако сакате да биде уште посочна, сварете една чаша шеќер со една чаша вода, нека врие 5 минути на умерена температура, па кога ќе ги извадите палачинките од рерна, залијте ги со овој сируп. Сè ќе впијат и ќе бидат уште посочни. / Domaсireсeпti.nеt