Едноставно, вкусно, не валкате многу садови, само еден сад и калапите за мафини. Мафините се многу вкусни со вишни, но по желба може да ставите малини, јагоди, шумско овошје, парчиња чоколадо и слично. Мерката која ја користев е шолја пд 150 мл, а вие може да користите и обична чаша за вода од 200 мл, па тогаш ќе добиете 24 мафини.




Од наведените состојки јас добив 12 мафини, но имајте во предвид дека намерно ги преполнив калапите за да не морам да печам и втора тура за која ќе добиев уште четири-пет мафини. Затоа изгледаат вака како печурки, а инаку се многу вкусни и мирисни, мора да ги пробате. Еве кои состојки ги користев:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 2 шолји шеќер, 1 шолја јогурт (може млеко наместо јогурт), 1 шолја масло, 3 шолји брашно Т400 меко пченично бело, 1 кесичка прашок за печиво (12 г), 200-300 г вишни или друго бобесто овошје, одозгора може да ги наросите со шеќер во прав по желба, но не мора




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете две јајца и кратко изматете ги со жица-маталка додека да се соединат белката и жолчката. Потоа додајте две шолји (од 150 мл) ситен кристален шеќер. Повторно изматете додека шеќерот да се соедини со јајцата.




Кога ќе добиете густа смеса како паста, додајте една шолја јогурт (150 мл) и една шолја масло за готвење (150 мл). Ако во моментот немате јогурт, може да ставите млеко (или пак газирана вода).




Внимателно промешајте ги состојките додека да се раствори шеќерот и маслото да се инкорпорира во јајцата. Кога смесата ќе се изедначи, додајте го брашното (3 шолји) помешано со една кесичка прашок за печиво (12 г), најдобро просеано низ сито за да добиете нежно и воздушесто тесто.




На почетокот полека мешајте за да може брашното да ги впие течностите, а потоа мешајте поенергично со лажицата за да се разбијат сите грутчиња и да добиете мазно, изедначено, хомогено, густо тесто. Калапот за мафини обложете го со хартиени корпички (или добро намастете и набрашнете ги).




Секој калап наполнете го до половина со тестото, па ставете неколку вишни (бобесто овошје), и одозгора со лажица дополнете со тесто. Калапите треба да бидат исполнети 2/3 од вкупниот волумен. Одозгора ставете уште малку овошје и печете ги во загреана рерна на 200 степени, 20 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.