Запишете си го и вие рецептот на Драгана, како што направив и јас кога првпат го видов. Толку е лесен и едноставен што сега го знам напамет, но и доста често го приготвувам. Станува збор за навистина брз колач со јаболка кој за 5 минути е готов. Многу е вкусен и едноставен, кремаст и сочен.




Можете да го приготвувате секој ден, но и да ги пречекате милите гости со него. Кога ќе ви се пријаде нешто слатко, а немате многу време на располагање за да приготвите некои комплицирани колачи или торти, тогаш сетете се на овој едноставен, а сепак многу вкусен колач со јаболка и крем. Нема да се покаете, мене секогаш ме отсрамува дури и од најпребирливите гости. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 (големи) јајца, 80 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 100 мл масло, 150 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), рендана кора од лимон, 2 супени лажици врела вода, 3 јаболка, 4 лажици шеќер, 1 лажичка цимет.




ПОСТАПКА: Најпрво во длабок сад за матење скршете три јајца кои претходно отстојале на собна температура (мене вака подобро ми се матат белките, но не е задолжително), а потоа пенасто изматете ги со електричен миксер. Додека матите постепено додавајте го шеќерот и продолжете со миксањето додека тој целосно да се растопи.




Додајте и една кесичка ванилин шеќер (или пред крајот во тестото додајте малку ванилин екстракт, една мала лажичка). Треба да добиете светла густа-кремозна смеса од јајца. Изрендајте малку лимонова кора на ситната страна од рендето за да се збогати вкусот и додајте ја во смесата.




Не заборавајте претходно лимонот добро да го измиете и да го истретирате со сода бикарбона. Потоа започнете постепено да го додавате брашното додека постојано матите со миксерот. Вкупно ќе ви бидат потребни 150 г брашно. И на крај не заборавајте да додадете и една кесичка прашок за печиво.




Продолжете со матењето додека да се изедначат состојките. Во изедначената смеса започнете постепено да го додавате маслото во тенок млаз, додека непрекинато матите со миксерот. Најпосле, во смесата додајте и две супени лажици врела вода. И уште еднаш изматете за да добиете мазна, изедначена, хомогена и кремозна смеса.




Одберете три цврсти јаболка по можност со различна боја и добро измијте ги со ладна вода, а потоа оставете ги во раствор со сода бикарбона и оцет. Откако добро ќе ги истретирате исечкајте ги на коцки со величина на залак (може и на тенки плочки, по желба). Доколку сепак се сомневате дека јаболката се многу прскани, тогаш излупете ги пред да ги исечкате.




Помал калап со пречник од 20 см обложете го целиот со хартија за печење (дното и обрачот), претходно малку намастен со масло за готвење, за подобро да се залепи хартијата. Во вака обложениот калап истурете ги сечканите парчиња јаболка.

Може да користите и поголем калап, но во тој случај колачот ќе биде понизок. Парчињата јаболка рамномерно распоредете ги и протресете го калапот. Одозгора излејте ја приготвената смеса, но гледајте да ја покриете целата површина врз сите јаболка.




Израмнете ја површината со лажица, па малку протресете го калапот и потчукнете го од масата за да се пополнат сите празнини помеѓу парчињата јаболка. Ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени, приближно половина час или 35 минути во зависност од рерната.




Печениот колач извадете го од рерна и додека тој се лади подгответе ја мешавината за наросување: во подлабок сад ставете четири лажици шеќер и една полна кафена лажичка цимет во прав. Промешајте. Откако колачот малку ќе подизлади, отстранете го обрачот и хартијата за печење.

Ставете голема чинија за сервирање одозгора, па превртете го колачот. Отстранете ја и долната хартија за печење, па колачот одозгора наросете го мешавината од шеќер и цимет. И тоа е тоа, вашиот колач е готов. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.