Ролнички со шунка и кашкавал
Овие меки и вкусни ролнички со шунка и кашкавал се вистинска гастрономска радост, совршени за секоја пригода.
Брзо се подготвуваат, а нивниот неодолив вкус ги прави омилени меѓу сите генерации. Идеални се за појадок, ужина или како додаток на свечена трпеза, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки
За тесто:
300 мл млако млеко
2 лажички шеќер
25 г свеж квасец
600 г брашно
100 мл масло
1 лажичка сол
1 јајце (на собна температура)
За фил:
300 г тенко исечена шунка
300 г тенко исечен кашкавал (гауда)
80 г путер (растопен)
1 лажичка суво оригано
НМД
За премачкување:
1 жолчка
1 лажица млеко
За декорација:
2 лажици сусам

Постапка
1. Во млако млеко растворете го шеќерот и свежиот квасец. Промешајте добро додека квасецот се раствори.
2. Од 600 г брашно одвојте еден грст и оставете настрана. Во остатокот од брашното направете вдлабнатина и во неа додајте го млекото со квасец, маслото, јајцето и солта.
Мешајте со лажица додека состојките не се соединат, а потоа додајте го одвоеното брашно и замесете меко, еластично и нелепливо тесто со раце.
3. Покријте го тестото со чиста кујнска крпа и оставете го да ферментира на собна температура околу еден час или додека не го удвои волуменот.
4. По ферментацијата, истресете го тестото на лесно набрашнета површина и поделете го на два еднакви дела. Од секој дел обликувајте топка, покријте ги со крпа и оставете ги да отстојат 10 минути.
5. Една топка развлечете ја со оклагија во правоаголна кора со димензии приближно 33х35 см.
Премачкајте ја кората со растопен путер. На двата подолги краја наредете тенко исечена шунка, а врз неа тенко исечен кашкавал. Посипете суво оригано.
6. Пресвиткајте ги краевите од двете страни кон средината, формирајќи две ролни. Исечете ги ролните за да се одвојат, а потоа секоја ролна исечете ја на четири еднакви парчиња, отстранувајќи ги краевите за ролниците да бидат рамномерни.
7. Повторете ја постапката со втората топка тесто. На крај, ќе добиете вкупно 16 ролнички.
8. Наредете ги во плех обложен со хартија за печење, оставајќи мало растојание меѓу нив.
9. За премачкување, изматете ја жолчката со една лажица млеко и премачкајте ги ролниците. Посипете ги со сусам.
10. Печете во претходно загреана рерна на 180°C околу 20-25 минути или додека добијат златно-кафеава боја.
11. По печењето, покријте ги ролничките со чиста крпа и оставете ги да се изладат пред сервирање.
Уживајте во овие неодоливи ролничкии со шунка и кашкавал, кои сигурно ќе ги освојат сите околу вас! Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:





































