Зелените домати обично се берат при крајот на сезоната, наесен, бидејќи немаат време да созреат, а сепак се одличен извор на хранливи материи. Може да се подготвуваат на најразлични начини, а освен во туршија, тие се користат и за приготвување на многу вкусни салати.

Освен што се крцкави и вкусни, тие се одлична пробиотичка храна и го подобруваат здравјето на цревата, а може да се послужат како прилог со речиси секое јадење. Ќе ви откриеме три рецепти:




Според првиот доматите се прелеваат со солило и се оставаат на собна температура природно да ферментираат, според вториот веднаш се затвораат во тегли во маринадата, а третиот рецепт е за деликатесни маринирани домати кои се чуваат во мешавина со масло. Одберете кој најмногу ви се допаѓа, а ако имате повеќе домати, пригответе ги според трите начини. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг зелени домати, 1-2 лути пиперка, 1 главица лук, 1 китка магдонос. За солило: 1 литар вода, 2 супени лажици сол. ПОСТАПКА: Доматите измијте ги и пресечете ги накрсно, за да можат да се полнат со зачините. Лутата пиперка исечкајте ја ситно, а истото направете го со магдоносот и лукчето. Измешајте сè и наполнете ги доматите.




Вака наполнетите зелени домати ставете ги во некој подлабок сад и прелијте ги со врела солена вода (на еден литар вода ставете две супени лажици сол). Садот поклопете го со некоја чинија (не треба капак, за да можат да ферментираат) и оставете ги приближно една недела на собна температура.




Ако е потоапло може побрзо да се закиселат, а ако е поладно ќе им треба повеќе време. Потоа поклопете го садот со капак или складирајте ги во тегли заедно со течноста и чувајте ги на ладно и темно место.

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг зелени домати, 1,5 главица лук, 1/2 китка магдонос или повеќе, 5 лажици крупна (камена) сол, 5 лажички шеќер, 5 лажички лимонска киселина (лимонтус), 500 мл јаболков оцет, 1 литар ладна вода, 2 лажички црн пипер во зрно.




ПОСТАПКА: Измијте ги доматите и во секој направете длабоки засеци со форма на крст (не ги сечете до крај). Во засеците ставете ситно сечкан лук и магдонос. Наредете ги сите домати во претходно стерилизирана стаклена тегла од 5 литри, а внатре ставете уште малку лук.




Подготовка на маринадата: Во еден длабок сад истурете ја солта, шеќерот, лимонската киселина и оцетот. Дополнете со еден литар вода на собна температура. Мешајте додека целосно да се растопат сите состојки. Оставете ја некое време да отстои, па повторно промешајте за да се уверите дека сè е растворено.




Маринадата истурете ја во теглата, а потоа добро затворете ја теглата. Пред да го ставите металниот капак, затворете со целофан за да не рѓосува капакот. Вака оставете да отстои еден ден, па следниот веќе можете да ја користите.

Со секој изминат ден, доматите стануваат сé повкусни. Ако ги оставите еден месец, тие целосно ќе ги впијат сите ароми и ќе станат неодоливи. Ова е следниот рецепт:

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 кг зелени домати, 500 мл вода, 1 литар оцет 6-9%, 3 лажици сол, 3-4 лажици шеќер, масло за преливање на доматите (количината зависи), 2-3 главици ситно исечкан лук.

ПОСТАПКА: Во длабоко и широко тенџере ставете вода, оцет, сол, шеќер и ставете на оган да зоврие. Доматите во меѓувреме добро измијте ги, па исечете на тркалца со дебелина од приближно 1 см.

Сечените тркалца ставајте ги во зовриената течност и варете ги само една минута, не повеќе. Вадете ги со решеткаста лажица и оставете ги на цедалка. Повторувајте ја постапката со остатокот од доматите (бланширајте ги постепено, не сите одеднаш).

Бланшираните парчиња домати редете ги во претходно стерилизирани стаклени тегли, ред домати, ред ситно сечкан лук и сè така додека да се исполни целата тегла. Кога ќе ги наполните сите тегли, залијте ги со масло (жената не ми кажа со кое масло, па јас употребив масло од репка).

Вие користете какво имате. Откако ќе ги наполните теглите, затворете ги добро и оставете ги да се оладат. теглите потоа чувајте ги на ладно и темно место. СОВЕТ: Ако сметате дека оцетот ви е многу кисел, тогаш користете однос на оцет и вода 1:1. / Поморавка / Сооlinarika.сom