Сакам јавно да му се заблагодарам на маж ми за оваа многу вкусна торта што ми ја направи за роденден, а да бидам искрена, мислам дека ништо повкусно од ова не сум јадела. Сите гости беа воодушевени и прашуваа за рецептот, па кога маж ми им кажа со колку малку продукти се приготвува, не му веруваа.




Тој запамтил дека некогаш сум кажала дека омилена торта ми е онаа превртената со ананас, па тој го побарал рецептот и многу пријатно ме изненади, приготвувајќи ја со јагоди, на кои сега им е сезоната. Многу лесно и едноставно се приготвува, па побаравме да направи уште една.




И замислете, тој стана, си ја стави кецелата и отиде во кујна, а некаде за половина час се врати со тортата. Првата торта беше декорирана со шлаг и цветови направени од нане и јагоди, за жал немам фотографии од неа, а втората ја изедовме уште додека беше топла, без декорации. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г јагоди, 20 г несолен путер, 1 полна супена лажица шеќер. ЗА ТЕСТО: 1 јајце, 50 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 50 мл масло, 100 мл млеко, 150 г просеано брашно и 1 кесичка прашок за печиво (8-10 г)




ПОСТАПКА: Јагодите измијте ги, исчистете ги од петелките и исечете ги на крупни парчиња доколку се големи. Ако се помали сечете ги на половинки, а ситните оставете ги цели. Во нелеплива тава со средна големина ставете 20 г путер да се растопува на умерено тивок оган.




Кога путерот ќе се растопи додајте една полна супена лажица шеќер. Мешајте додека шеќерот да се растопи и смесата да пожолти (не треба да карамелизира, но ако ви се допаѓа тој вкус, продолжете со пржење уште малку).




Додајте ги сечканите јагоди, промешајте малку и оставете ги да се динстаат на тивок оган околу пет минути. За тоа време пригответе го тестото. Во подлабок скршете 1 јајце, па додајте 50 г шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер. Изматете со жица маталка додека шеќерот да се растопи.




Додајте 50 мл масло и изматете уште една минута за да се инкорпорира. Потоа додајте 100 мл млеко, па повторно изматете допдека да се соедини. Најпосле, во течните состојки додајте ги сувите: 150 г просеано брашно и 1 кесичка прашок за печиво (8-10 г).




Изматете добро додека сите состојки да се соединат во мазна, хомогена смеса без грутчиња. Добиеното тесто излејте го врз испржените јагоди, па со шпатулата распоредете внимателно и рамномерно, да бидат покриени сите јагоди. Поклопете и печете вака под капак 10-15 минути.




Потоа проверете со чепкалка, доколку чепкалката излегува сува, значи дека колачот е добро испечен. Со помош на голема рамна чинија превртете го колачот и печете го од другата страна уште 5-7 минути, колку да фати коричка од долу (јагодите се горе). Колачот можете да го послужите топол или ладен.