На каналот на Валентина Машковиќ може да најдат превкусни домашни рецепти кои го „топат“ срцето на секоја домаќинка. Пробајте го овој рецепт кој нема да ви одземе повеќе од 15 минути подготовка, а сите ќе уживаат во топлиот вкус на оваа пита.




Пробајте го овој едноставен рецепт за прелиена пита со сирење од готови кори, ќе се изненадите од леснотијата со која се приготвува, а притоа ќе добиете совршен вкус. Оваа пита може да ја приготвите за појадок или вечера, но и како закуска или предјадење.




Подгответе си готови кори за пита и изненадете ги вашите најблиски со оваа пита. Наместо масло може да користите путер или свинска маст, како поздрава опција, а наместо сирење може да ставите урда. Ако користите сирење, најпрво дегустирајте го, ако е потребно да го посолите. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори за пита, 4-5 јајца, 250 мл јогурт, 100 мл масло, 1 кесичка прашок за печиво, 150 г сирење по ваш вкус, 1 лажичка сол, 100-150 мл газирана вода. Потребен ви е еден сад за да ги измешате состојките за филот и уште еден огноотпорен сад за печење на питата.




ПОСТАПКА: Јајцата, јогуртот и сирењето се оставаат да отстојат на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на питата. Во еден подлабок сад скршете ги јајцата и изматете ги со жица/маталка, додека да станат пенасти. Прелијте со 1 чаша јогурт, промешајте, додека да се изедначи, па прелијте со половина чаша масло.




Соединете, па ставете го прашокот за печиво кој ќе ја надигне питата. Посолете по вкус и соединете ги состојките. Ставете го филот настрана, па дегустирајте го сирењето. Доколку не е доволно солено, издробете го малку со виљушка, па посолете го, по ваш вкус.




Во еден огноотпорен сад кој треба да биде подмачкан со малку путер, започнете да ги редите готовите кори. Ставете ги сите кори една врз друга на рамна површина и поделете ги дијагонално, додека да добијат изглед на триаголници. Одвојувајте една по една кора и со горната издигната страна и нејзината паралелна рамна страна, згужвајте на средина.




Потоа од едниот крај на другиот, свиткајте ја питата во ролат (погледни видео). Вака подготвените кори редете ги во подмачканиот плех, додека да го пополните, целосно. Одозгора врз питата распоредете го издробеното сирење и со прстите, ставете го сирењето помеѓу вдлабнатините на секоја кора.




Преку сирењето прелијте го филот кој првично го подготвивте, па нежно истресете го плехот додека филот да стигне до најдолните делови на кората и плехот. Прелијте со газираната вода, па оставете питата да отстои околу 15 минути, пред да ја ставите на печење, додека малку филот да се апсорбира во корите, за да бидат посочни.

Пред печењето, наросете обилно со сусам. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени и печете ја околу 15-тина минути. Потоа, намалете ја температурата на рерната на 180 степени и допечете ја питата уште 20 минути, додека да фати коричка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.