Дрвото на парите, красула е исклучително интересно домашно растение за кое се поврзани многу митови. Според традицијата, ова растение внесува позитивна енергија и изобилство на богатство во домот каде се одгледува.

Низ историјата луѓето го обожувале ова растение и го користеле при церемониите на венчавката, затоа што се верувало дека привлекува пари и просперитет во новиот дом. Исто така, постои верување дека во куќата треба да се чува десно од влезната врата за да носи повеќе пари.

Красула е исклучително убаво растение со сјајни и мазни зелени листови. Црвени лисја можат да се појават кога дрвото е претерано изложено на сонце, а кафеави кога растението има премногу влага. Важно е да се нагласи дека со падот на старите лисја, растат нови млади лисја. Ова растение потекнува од Јужна Африка и може да порасне до 2,5 метри.

Засадување на растението

Ова куќно дрво може да се сади од семе, а неговото пресадување може да се направи кога ќе пораснат лисјата. Потребно е да земете лист од ова растение и само ставете го во почвата што сте ја подготвиле. На коренот му треба подолго време да израсне, но успехот е загарантиран.

Друг начин на пресадување е да се стави листот на растението во вода и да се чува најмалку 14 дена за коренот да никне. Откако ќе никне коренот, засадете го во глинен сад.

Кога станува збор за пресадување, ова растение најдобро се пресадува на секои 3 – 5 години, а најдобро е да се ставаат во тешки саксии, бидејќи има тенденција да се преврти, доколку се засади во мала и лесна саксија. Исто така, по пресадувањето потребно е да се чува на сонце најмалку 15 дена.

Најдоброто место за да го чувате ова растение е на светло и топло место, каде што нема многу топлина или студ, ниту дожд. Во зима треба да се чува на место над 10 степени. Во лето е можно да се чува надвор, но треба да се заштити од дожд.

Наводнување на растението

Дрвото на парите не треба да се наводнува премногу. Ако го наводнете премногу, лисјата ќе станат кафеави и ќе почнат да паѓаат. Се препорачува едно наводнување на 14 дена. За да бидете сигурни дека и е потребно вода на красулата, ископајте ја малку почвата.

Ако е влажна, не ја полевајте. Количината на вода што му треба на ова растение зависи од собната температура, изложувањето на сонце и големината на садот. Во текот на зимата на ова растение му треба многу малку вода. Што се однесува до видот на почвата и оплодувањето, важно е да се нагласи дека ова растение не сака хемикалии.

За садење е добро да се користи кактусна почва богата со минерали. Се препорачува да се вметне парче глина во земјата, со цел подобро да се задржи влагата. Потхранување се препорачува еднаш годишно, со ѓубриво наменето за кактуси, но не и во текот на зимата. Важно е да се напомене дека има околу 300 видови од ова растение. Тие обично се разликуваат во големината на раст и обликот на лисјата.

Веројатно, на многу луѓе им е познато верувањето дека ова популарно домашно растение привлекува успех, богатство и просперитет. Но, има и лековити својства за кои малкумина се свесни. Ако сè уште го немате дрвото на парите на прозорецот, ве советуваме да го набавите. Сосема е лесно и едноставно да се грижите за него.

Ако некој е сериозно болен во домот каде што се одгледува ова растение, тоа почнува да венее постепено, а лисјата  стануваат жолти или црни. Се чини дека апсорбира негативна енергија. А кога болниот ќе закрепне, красулата повторно оживува.

Красулата лекува лесни изгореници, посекотини, модринки и рани. Нежно изрендајте неколку листови красула и нанесете на повредената површина. Потоа зацврстете со завој. Променувајте ја облагата на секои 5 часа. Исто така помага при каснување од инсекти. Сокот од ова растение ставајте го на местото на убод и мачкајте се на секои 4 часа.

Лек за воспалено грло

Исцедете сок од 10 листови и измешајте ги со 300 мл топла вода. Правете гаргара трипати на ден после секој главен оброк. Течноста не ја голтајте, туку исплукајте ја.

Лекување на херпес на усните

Исцедете го сокот од неколку лисја. Нанесувајте на херпесот на усните секој час. Доколку немате време на секој час да се премачкувате, само натопете памучна подлога со сокот на местото на осипот и зацврстете со фластер. Не правете ја оваа постапка повеќе од два дена.

Ги намалува болките на артритис и артроза

Исцедете сок од красула од 13 – 15 листови, премачкајте ги болните зглобови и оставете лекот да делува преку цела ноќ. Повторувајте ја оваа постапка неколку вечери по ред и болката во зглобовите ќе исчезне.

Внимание: Красулата содржи мали количества на арсен, затоа не препорачуваме консумирање на ова растение пред да се консултирате со вашиот лекар. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.