Принцес крофните е омилениот десерт на сите генерации, а жолтиот фил е најпознатото полнење по кој се познати овие колачи, но доколку сакате, вие може да изберете и некој друг фил и да ги правите дури и во солена варијанта, бидејќи тестото е неутрално.




Овој француски десерт во целиот свет се познати под називот профитероли. Се подготвуваат од варено тесто и имаат облик на крофнички, а се полнат со фил од ванила, најчесто, но во некои земји тестото се полни и со поинакви филови.

Швеѓаните на пример, се познати по најкреативните рецепти за принцес крофни. Кај нив постои традиција која налага колачите да се обојуваат соодветно според празникот, па така за Велигден тие прават жолти колачи, црвени за Божиќ, бели за свадби, а принцес крофни со портокал за Ноќ на вештеpките.




Секоја трета недела во септември се обележува Недела на принцес крофните и тогаш може да се јадат најдобрите принцес крофни на светот, во сите бои и различни вкусови. Во продолжение прочитајте го оригиналниот рецепт за овој омилен десерт. Важно е да се придржувате до мерките и не ги вадете веднаш од рерна, бидејќи мора постепено да се ладат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл вода, 125 мл масло, 2 лажици шеќер, 150 г брашно и 4 јајца. ЗА КРЕМ: 800 мл млеко, 4 жолчки, 120-250 г шеќер (по вкус), 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 130 г брашно, 125 г путер. И УШТЕ: шеќер во прав за наросување, по желба можете да изматите и 300 мл слатка павлака за комбинација со жолтиот фил, а 4-те белки можете да ги искористите за некое друго јадење.




ПОСТАПКА: Во тенџере на оган ставете 250 мл вода, 2 лажици шеќер и 125 мл масло. Ставете да зоврие на умерена температура, под капак. Промешајте додека шеќерот убаво да се растопи. Тргнете го садот од оган и додајте просеано 150 г брашно со постојано мешање со жица за матење.




Мешајте додека тестото убаво да се соедини и започне да се одвојува од ѕидовите. Оставете го на страна да одмори околу 5 минути. Потоа изматете го со миксер и едно по едно додавајте ги јајцата. Матете додека убаво да се соединат со тестото.




Смесата ставете ја во кеса или шприц, па формирајте ги крофничките во плех обложен со хартија за печење. Помеѓу крофничките оставајте доволен простор, бидејќи за време на печењето тие ќе пораснат. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени додека крофничките да заруменат, околу 20-30 минути. Не ја отворајте рерната додека не заруменат.




Печените крофнички оставете ги да изладат додека го приготвувате кремот. Најдобро е да подметнете дршка од дрвена лажица во вратничката од рерната и така тие да се ладат во подотворена рерна.

За крем: Во тенџере ставете 500 мл млеко. Во посебен сад ставете 4 жолчки, 10 г ванилин шеќер, од 150 до 250 г шеќер, по вкус и 130 г брашно и 300 мл млеко. Изматете со миксер за да се изедначи смесата.




Смесата постепено излејте ја во врелото млеко и сварете го кремот со постојано мешање додека да згусне. Оставете го да излади, па соединете го со 125 путер. Кремот ставете го во шприц и полнете ги крофните откако тие целосно ќе се оладат. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.