Овој кох мора да го испробате. Направете го, нема да се покаете. Од сите рецепти досега, ова е најсочниот. Брзо и едноставно се приготвува, а се изедува за секунда. Рецептот е многу лесно и лесно се запамтува, еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 јајца, 10 лажици шеќер, 10 лажици гриз, 8 лажици брашно. ЗА ПРЕЛИВ: 1 литар млеко, 2 кесички ванилин шеќер (20 г)

ПОСТАПКА: Од десет јајца одвојте ги во посебни садови белките од жолчките. Потоа пенасто изматете ги белките со миксер, постепено додавајќи го шеќерот, лажица по лажица, вкупно десет лажици шеќер. Матете додека шеќерот да се растопи и да добиете цврст снег.

Во цврсто изматениот снег започнете постепено да додавате една по една жолчка додека непрекинато матите со миксерот. Кога едната жолчка ќе се измати и соедини со снегот од белки, тогаш додајте ја следната жолчка.

Кога ќе ги додадете сите десет жолчки, во изматената пенлива смеса започнете да го додавате гризот, исто така лажица по лажица, вкупно десет лажици гриз. Овојпат смесата матете ја со најмала брзина на миксерот.

Во добиената мешавина започнете постепено да додавате осум лажици брашно. Овојпат не ви е потребен миксер, туку лажица или жица-маталка. Брашното се вмешува внимателно, со превртување на смесата за да се сочува нејзината пенливост.

Тепсија или калап со пречник од 28 см мамастете ја на дното и страните, а потоа набрашнете ја (вишокот истресете го). Потоа излејте ја смесата, распоредете еднакво и израмнете. Ставете да се пече во добро загреана рерна на 200 степени, 15-тина минути.

Во ладно млеко додајте две кесички ванилин шеќер и промешајте да се раствори. Печениот колач додека сè уште е топол прелијте го со ладното млеко. Колачот оставете го во фрижидер да се олади пред сервирање. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.