Овој богат и ароматичен ориз, кој го конcyмираат монасите е идеален додаток за секое месо, а може да биде одлична лесна вечера или ручек доколку постите. Во него има многу зеленчук и други витамини, а јадењето навистина излегува превкусно.

Потребни состојки: 1 до 1/2 чаша ориз, 1 главица кромид, 1 голема пиперка, црвена или зелена, 10 црни маслинки, 1 морков, 2 лажици доматно пире, 1 мала тиквичка, 150 г печурки, сол, масло, сечкан магдонос (околу половина китка), 1 лажица суво нане.




Постапка: Исплакнете го оризот во 7 води и процедете го. Прелијте го со топла вода 1:2 и оставете да се вари додека да ја впие течноста. Посебно во поголем сад загрејте 80-100 мл масло и пропржете го исечканиот кромид, морковот и пиперката исечкана на коцки, а потоа додајте ги и исечканите печурки.

Штом омекнат додајте ги маслинките, тиквичките исечкани на ситни парчиња и зачинете со малку сол, а можете да додадете и црн пипер по вкус. Додајте го доматното пире, а откако зеленчукот ќе омекне, додајте го варениот ориз и промешајте.




Зачинете со зачини и штом оризот целосно е готов и ќе ги впие течностите кои ги испуштил зеленчукот, тргнете го од оган. Измешајте го јадењето со малку сечкан магдонос и послужете топло. Одлично се комбинира со месо, а доколку постите може да го јадење и како самостоен оброк. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. A, еве како се приготвува тypcки пилав:




II РЕЦЕПТ. Рецепт за прав турски пилав – зрното останува цело, а оризот е превкусен и декоративен. Фото и рецепт: Љубичинка Рецептот го доби мајка ми од пријателка од Турција. Мама постојано го приготвува дома, а сега и јас на моето семејство. Може да се послужи како прилог на некое месо, совршен е.




Потребни состојки: 2 коцки путер (вкупно околу 20 г), ½ шолја фиде (тестенини за супа, облик по ваша желба), 2 шолји ориз, 4 шолји вода, сол по вкус. Како мерка се користи шолја од 150 мл.




Постапка: Оризот истребете го од камчиња и друга нечистотија, измијте го под млаз ладна вода. Исперете го во неколку води, додека да добиете чиста, проѕирна вода. Во тенџере во кое ќе се вари оризот, ставете коцки путер (една коцка околу 10 г). Оставете ги да се растопат. Потоа додајте го фидето (тестенините за супа).




Пржете ги со постојано мешање додека да добијат убава кафеавкаста боичка. Потоа додајте го исцедениот ориз, па пржете го уште 1-2 минути. Додајте вода и посолете. Оставете го тенџерето отворено додека да започне да врие. Штом зоврие, намалете ја температурата (кај мене од 6 на 2) и поклопете со капак.




Не смеете да го отворате капакот во следните 15-20 минути. Правиот пилав не се меша, само тенџерето се протресува и тоа е доволно. Водата треба да испари. Се вари додека да се добие само ориз. Оставете го оризот малку да подизлади, па послужете го како прилог или како самостојно јадење.




III РЕЦЕПТ. Декоративна и вкусна салата со ориз која може да замени и оброк – мора да ја пробате, од вкусот ќе се воодушевите. Рецепт на Том Филос – Декоративна салата од ориз. Малку труд и ете радост на масата! Салата која може да биде замена за оброк. Од вкусот ќе бидете одушевени!




Потребни состојки: 400 г ориз, 200 г рендана салама (или сувомеснато по избор), 200 г рендан кашкавал, 400 г кисела павлака, 80 г мајонез. За декорација: варени моркови, сечкани маслинки, кисели краставички, варени јајца…

Постапка: На тивок оган сварете 400 мл ориз со повремено промешување. Сварениот ориз измијте го со ладна вода и процедете го. Пригответе ги останатите состојки. Саламата изрендајте ја, исто и кашкавалот. Во подлабок сад ставете го варениот и исцеден ориз, па додајте ги саламата и кашкавалот.




Во смесата додајте 400 г кисела павлака и 80 г мајонез. Добро промешајте, најдобро со рака, за да се изедначат состојките рамномерно. Целата смеса рамномерно распоредете ја во калап обложен со проѕирна фолија и израмнете.

Смесата оставете ја најмалку еден час во фрижидер за да се излади и стегне. Потоа превртете ја врз чинија за сервирање и декорирајте по желба. Целата постапка и декорацијата можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.