Рецепт и видео презентација на Марко Стрижак – Ситни колачи „Оревчиња”. Ова се едни од задолжителните ситни колачи кои се прават за Нова година и Божиќ, не само поради вкусот, туку и поради тоа што можат долго да стојат. А колку подолго стојат, уште поубави се.

Доколку го немате рецептот за „оревчињата”, тогаш додајте го на списокот заедно со ванилиците, распуканчињата и карамелите. Потребно е да набавите калапче за да го добиете овој облик, а се купува од кинеските продавници или се порачува од интернет.

Потребни состојки: 150 г путер на собна температура, 60 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 100 г ореви, 100 г остро брашно, 100 г меко брашно, 1 лажица рум и 1 лажица какао. За крем: 2 јајца, 100 г шеќер, 150 г ореви, 150 г путер и 1 лажица рум

Постапка: во путерот додајте го шеќерот и ванилата, па убаво пенасто изматете со миксер. Додајте ги оревите, промешајте, па рум и уште еднаш кратко промешајте.

Настрана измешајте ги сувите состојки: брашното и какаото, промешајте, па во два наврати додадејте го во претходната смеса. Уште еднаш измиксајте за да се соединат состојките.

Калапите за „оревчињата” намастете ги со путер или маргарин, малку наросете ги со брашно и вишокот истресете го. Потоа полнете ги со смесата и со прстот притиснете во средината за да оставите простор за филот (погледни видео).

Ставете ги во претходно загреана рерна на 200 степени да се печат 10-тина минути. Додека се топли само потчукнете ги и извадете ги од калапчињата.

За фил: Во посебен сад изматете ги јајцата со шеќерот (со жица за матење), па ставете ги на пареа за да се сварат со постојано мешање околу 15 минути. Оставете да се оладат. Додајте ги оревите и малку измиксајте со миксер. По желба додајте и рум.

На крај додајте путер омекнат на собна температура, па заедно соединете со миксерот. Филот оставете го малку во фрижидер за да се стегне, па потоа полнете ги кексите. По две половинки спојувајте ги со филот. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.