За сите омилениот колач овојпат го имаме во посна верзија, па и оние кои постат или од здравствени причини ги одбегнуваат јајцата, можат да се сладат во овој вкусен колач. Се приготвува многу лесно и брзо, а за подготовка ви се потребни неколку состојки кои веќе ги имате во вашата кујна. За да се олесни постапката мерките се дадени во лажица и грамови. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши (од 200 мл) брашно (250-260 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 кесичка прашок за печиво (10-12 г), 3/4 чаша шеќер (150 г), 1/2 чаша масло (100 мл), 1 чаша вода (200 мл). ЗА ЧОКОЛАДЕН ПРЕЛИВ: 3/4 чаша шеќер (150 г), 3/4 чаша вода (150 мл), 100 г посно чоколадо, 125 г маргарин (1/2 коцка), 1 супена лажица какао во прав, 100 г кокос за валање




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете две чаши брашно (околу 250-260 г), една кесичка ванилин шеќер (8-10 г) и една кесичка прашок за печиво (10-12 г). Промешајте со лажица или жица-маталка да се изедначат состојките.




Потоа додајте три четвртини чаша шеќер (150 г), половина чаша масло (100 мл) и една полна чаша вода (200 мл). Добро соединете ги состојките додека да добиете мазна, хомогена смеса без грутчиња. Смесата според густина треба да биде слична на онаа за уштипци.




Доколку сметате дека е многу густа, тогаш додајте две-три лажици вода и продолжете со матење додека да ја добиете посакуваната густина. Плех со димензии 24х20 см обложете го со хартија за печење, па излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја.




Доколку не користите хартија, тогаш плехот намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го. Протресете го и потчукнете го неколкупати плехот, а потоа ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 25-28 минути додека убаво да зарумени.




Кога бисквитот ќе се испече проверете го со чепкалка (доколку е добро испечен, таа треба да излезе сува кога ќе го боцнете), па оставете целосно да се олади. Оладениот колач извадете го врз даска, отстранете ја хартијата и исечете го на коцки. Мек е како сунѓер, а сепак не се рони.




Пригответе го преливот: во едно помало тенџере промешајте 150 мл вода, 150 г шеќер. Тенџерето ставете го на оган, па кога ќе зоврие додајте 125 г маргарин исечкан на помали парчиња, 100 г посно чоколадо искршено на коцки и 1 лажица какао во прав.




Гответе го сирупот на умерена температура со непрекинато мешање додека сите состојки да се растворат и соединат, околу 4-5 минути. Сварениот прелив оставете го настрана да се подизлади околу 10 минути.




Во посебен сад истурете 100 г кокосово брашно. Секоја коцка кратко натопувајте ја во чоколадниот прелив, а потоа валајте ја во кокосот, да се обложи од сите страни. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.