Некое цвеќе едноставно е волшебно и има свои посебности по кои се разликува од останатите. Затоа е сакано. Едно такво цвеќе е Фуксијата, бидејќи секој кој има желба да ја украси својата градина, посакува да ја има оваа убавица која му блеска во полн сјај во текот на целата сезона.
Ова цвеќе беше омиленото и нашите прабаби.
Селекционерите и обраќаат големо внимание, па така постојат преку 800 хибридни сорти на фуксијата. Во Македонија, секако, не можат да се најдат сите видови, но љубителите на ова цвеќе сигурно можат да најдат барем дваесеттина видови во нашите расадници и цвеќари.
Фуксијата е повеќегодишно и полузимзелено растение кое го добило своето име по човекот со две професии, ботаничар и лекар, Леонард Фукса. Фуксијата цути раскошно од април до крајот на есента. Висечките видови на фуксијата, поради својата форма, се познати и под името „балерина”. Цветовите се двојни или единечни и ги има како двобојни (бело-розови, црвено-бели, розово-виолетови и сл.) и како еднобојни од светлорозова до темновиолетова.
Фуксијата потекнува од влажните и свежи планински предели на Средна и Јужна Aмерика. Имајќи го предвид потеклото, во зимските месеци треба да и се најде добро осветлено место на терасата или во станот, но да не биде директно изложена на сонце. Кога ќе ја сместите на погодно место, не се препорачува да го менувате бидејќи ќе ги отфрли сите пупки и цветови.
– Фуксијата се пресадува секоја година во февруари или март, понекогаш и подоцна, во еден до два броја поголема саксија. Доколку растението е поголемо, не мора да се пресадува секоја година.
– Смесата на земјата во која се одгледува треба да биде што похранлива и растресита и затоа е најдобро да се купува тресетна земја, којашто треба да се помеша со малку песок.
– Пред пресадувањето растението малку се поткаструва (од пет до десет центиметри, во зависност од големината на растението). Отсечените делови не ги фрлате бидејќи може да послужат за резници.
– Во текот на целата вегетација фуксијата треба да се полева добро, особено во летните месеци и тоа секојдневно, а во многу топлите денови треба и да се оросува со млака вода. Умерено полевање е на десет дена и добро е да се оросува со отстојана вода.
– Растението треба редовно да се прихранува. Најдобро е да се прихранува со течни минерални ѓубрива како што се „Цветал” или „ Wuhal” и тоа еднаш седмично по 2 г на еден литар вода.
– За обетката да биде густа, пожелно е неколку пати во годината да се потскратува. Обетките кои се на тераса или во дворот пред крајот на септември треба да се внесат внатре, во поладна светла просторија (може и во подрум, но не под 8°С.
– За време на зимскиот период растението се полева ретко и малку, само колку да не се исуши.
Обетките ги напаѓаат бројни штетници, како разни лисни вошки, штитест молец, стеници (Lygus), а најопасни штетници се eriophyles fuchsiae и eriophyles vitis, коишто ги уништуваме со препарати на база на сулфур.
Добро негувајте ја вашата обетка со голема љубов и внимание и таа ќе ви возврати со прекрасен цут преку целата летна сезона.