Фотографии, презентација и објаснување на рецептот: Аница Обрадовиќ Живковиќ. “Моите први медени колачиња по рецептот на нашата драга Вишња Вишња – Ви благодарам драга на прекрасниот рецепт” – вели Аница во својата презентација на новогодишните колачи.

Декорацијата е навистина за секоја пофалба, колачите се подобри отколку купечките, а совршено ми можеле да ги заменат и лампионите на новогодишната елка. Потребни состојки: 150 г мед, 4 јајца, 250 г шеќер, 60 г маргарин претходно омекнат на собна температура или во микробранова печка и изладен.

Потребна е и 1 кафена лажичка сода бикарбона и 3 кафени лажички зачин за медени колачи. Кој нема ваков зачин за медени колачи, може да стави ваква замена: 1 кафена лажичка цимет, ½ кафена лажичка мелено каранфилче, ½ кафена лажичка ѓумбир во прав, ½ кафена лажичка анис во прав, ½ лажичка мускатно оревче (ова по желба).

Уште ќе ви биде потребно 700 г брашно за да се добие меко тесто. Постапка: 150 г мед растопете го на многу тивок оган, а откако ќе стане течен тргнете го од рингла. На страна добро изматете четири јајца додека да станат пенасти, па постепено додавајте го шеќерот и продолжете да матите.

Миксајте додека шеќерот целосно да се растопи а смесата да побели и згусне. Потоа додадете 60 г претходно омекнат путер, растопениот мед, една лажичка сода бикарбона и три кафени лажички зачин за медени колачи.

Доколку немате ваков специјален зачин за “меденици” тогаш сами направите мешавина од горенаведените зачини или пак, ставете зачини по ваш вкус. Во вака приготвената смеса започнете постепено да додавате 700 г брашно.

Мешајте на почетокот со лажица а на крај завршете го месењето со рака. Тестото е меко, но такво треба да биде. Завиткајте го во проѕирна фолија, па во некој сад и оставете го во фрижидер да преноќи. Следниот ден извадете го тестото и оставете го малку да отстои на собна температура, околу половина час.

Работната површина наросете ја со малку брашно за да не се лепи, па ставете го тестото и него одозгора малку наросете го со брашно. Со помош на оклагија развлечете го во кора со дебелина од 5 мм. Модлите со кои ќе ги вадите формите пред секое сечење малку набрашнувајте ги (во една чинија ставете малку брашно).

Ова се прави за полесно да се вади тестото од нив и да не се лепи. Откако ќе ги извадите разните форми, колачите редете ги во плех обложен со хартија и ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени. Колачите се печат само 10 минути, па затоа внимавајте да не ви изгорат.

За ројал глазура ќе ви бидат потребни следниве состојки: една белка од јајце и 180-200 г шеќер во прав и ½ кафена лажичка лимонов сок или неколку капки. Ројал глазурата се приготвува на следниот начин: Со виљушка изматете една белка од јајце, па постепено додавајте 180-200 г шеќер во прав и половина лажичка лимонов сок.

Јас матев со миксер и постепено го додавав шеќерот во прав, а на крај го додадов свежо исцедениот лимонов сок (потребни се само неколку капки, половина кафена лажичка). Смесата треба да биде малку погуста. Најпрво исцртајте ги контурите односно направете ги надворешните црти од формата која ќе ја обојувате.

Потоа за пополнување на празнините, во смесата додадете неколку капки вода за да се разреди. Смесата поделете ја во неколку помали садови, додадете прехрамбени бои, измешајте за да се изедначат смесите и наполнете ги во кеси за замрзнувач.

Во секоја кеса во еден агол направете внимателно мало дупче, па декорирајте ги медените колачи. Оставете ги да се исушат. За декорацијата може да ви помогнат и вашите деца. Колачите се многу интересни и забавни за целото семејство.