Од само неколку состојки и за многу кратко време можете да приготвите вкусни колачи во најразновиден облик. Одберете силиконски калапи и сладете се во одличниот вкус. Запишете си го рецептот, а постапката е многу едноставна, секој може да ги направи. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 г бисквити, 85 г мелени кикирики, 85 г шеќер, 180 мл слатка павлака, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г) по желба, 45 г какао во прав, 110 г путер. За глазура: 90 г млечно чоколадо, 30 г темно чоколадо, 30 г растително масло, 70 г мелени кикирики
ПОСТАПКА: Бисквитите искршете ги со раце (или во блендер со неколку „пулса“) во подлабок сад во кој ќе можете убаво да ја измешате целата смеса. Претходно истостираните кикирики сомелете ги и додајте ги во бисквити, па промешајте. Во едно тенџере сипете ги шеќерот и какаото во прав, па промешајте да се изедначат.
Постепено започнете да ја додавате слатката павлака, малку по малку. Мешајте со кујнска-жица маталка додека сите состојки да се растопат во еднолична хомогена смеса, без грутчиња. За уште побрзо да се растопи шеќерот, тенџерето ставете го на многу тивок оган, па непрекинато мешајте додека смесата да згусне како пудинг.
Внимавајте да не ви зоврие, зашто ќе го промени млечниот вкус. Потоа веднаш додајте го путерот исечкан на помали ленти, како и ванилиниот шеќер, па мешајте додека сето да се растопи и изедначи.
Добиената чоколадна смеса оставете ја малку да подизлади со непрекинато мешање, па излејте ја директно во мешавината од бисквити и кикирики. Треба да биде млака, зашто е премногу врела ќе ги растопи бисквитите во каша. Може и така да направите, не е грешка, но подекоративно е ако на пресек се познаваат и парчиња кекси.
Од оваа смеса можете да правите топчиња, да ја втиснете во правоаголен калап, па подоцна да сечете коцки или штангли, или пак, да ја полните во силиконски калапи со каков облик имате. Во овој случај убаво прискајте за да нема празни простори во смесата (кога ќе се извади од калапот да има правилен облик).
Колачите оставете ги во замрзнувач да се стегнат еден час. Потоа колчите извадете ги од калапчињата и наредете ги врз решетка. Во микробранова печка или на пареа растопете 30 г чоколадо со 90 г млечно чоколадо со 30 мл растително масло, додајте 70 г мелени (ситно сечкани) кикирики, па со оваа глазура прелијте ги колачите. Оставете да се стегнат во фрижидер, па послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.