Мафините се едни од најомилените колачи, бидејќи имаат меко тесто како сунѓер и обично се прават со некои овошни додатоци, чоколадни парчиња, крем, џем и слично. Овојпат, во го претставуваме рецептот на Марија, за тесто со кокос.




Најпрво се мешаат сувите состојки во еден подлабок сад, а потоа се додаваат влажните, и сето се промешува додека да се изедначи. Добиеното хомогено тесто се излева во силиконски калапи или хартиени кошнички-калапи, но може да се испече и во тепсија како колач, па да го сечете на парчиња.




„Многу фино тесто „на шолја”, јас правев мафини, а може да се испече и како колач во било кој калап. Се приготвува од состојки кои веќе ги имате во домаќинството, без јајца и без миксер. Особено се вкусни за љубителите на кокосот“, вели Марија. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 шолја шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 2 шолји брашно, 1 шолја кокос, 1 шолја млеко, 1 шолја масло, 1 шолја јогурт. За наросување: шеќер во прав

ПОСТАПКА: Користете шолја за чај од 200 мл или обична чаша за вода, важно е да користите една иста чаша за мерење на сите наведени состојки. Прво измешајте ги сите суви состојки, со лажица, не ви е потребен миксер.




Потоа постепено додавајте ги течните состојки (според набројаниот редослед, млеко, масло, јогурт, но може и одеднаш), па добро промешајте за да не останат грутчиња. Смесата треба да биде хомогена и мазна.




„Како што кажав претходно, можете целата смеса да ја излеете во некој калап, а можете и како мене да полните калап за мафини“, објаснува Марија. Доколку калапите не се силиконски, односно има можност од залепување, пред да ги наполните со тесто, намастете ги со четкичка и набрашнете ги.




Или пак, во нов ставете хартиени калапчиња. Не ги полнете до врв, туку полнете само две третини, бидејќи во текот на печењето ќе го зголемат волуменот. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени додека малку да заруменат.




Сепак, проверете со чепкалка дали се добро испечени (без разлика дали печете мафини или колач). За мафините времето на печење е нешто пократко од она за колачот. Кога се готови оставете ги неколку минути да се подизладат пред да ги извадите од калапите.




Печените и изладени наросете ги со шеќер во прав пред послужувањето или одозгора залијте ги со чоколадна или овошна глазура по ваш избор. Може да ги послужите и со топка сладолед. Од оваа количина се добиваат 15-тина мафини, во зависност од величината на калапите. Рецепт на Марија/Сооlinarika.сom