Рецептот ни доаѓа од Турција, а турските печива се познати по својата деликатност. Во составот за тестото користат слични состојки како и за нашите печива, но додаваат и белки од јајца со што дополнително се зголемува мекоста на тестото. Сите што го испробаа овој рецепт беа воодушевени.

Коментар на Марија Томич: „Рецептот е прекрасен, го испробав и многу убаво ми излезе печивото, многу е вкусно и дефинитивно многу убаво изгледа.“




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 супена лажица сув квасец (10 г/1 кесичка), 3 супени лажици шеќер (60 г, но може да намалите по вкус), 1 чаша топло/млако млеко (200 мл), 1 чаша топла/млака вода (200 мл), 2 белки од јајца (жолчките за мачкање), 1 филџан масло (90 мл), 1 лажичка сол (10 г), 6,5 чаши брашно (780 г), 50 г путер. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 2 жолчки + 1 лажица масло




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете 1 кесичка сув квасец, шеќер (од една ипол до три супени лажици), млако млеко и млака вода, па промешајте со жица маталка додека да се растопи шеќерот и да се раствори квасецот.




Потоа додајте две белки од јајца кои претходно отстојале на собна температура (да не се ладни од фрижидер зошто ќе ја стопира ферментацијата на квасецот), 90 мл масло, промешајте уште малку па започнете постепено да го додавате брашното.




На почетокот мешајте со лажица додека брашното да ја впие течноста, а потоа замесете со рака. Добро изработете го тестото додека тоа да стане меко и мазно и да се одделува од ѕидовите на садот. Не додавајте повеќе брашно зошто тестото треба да биде меко.




Покријте го со капак или со стреч-проѕирна фолија и оставете го на топло место да стасува еден час додека убаво да ферментира и да го удвои својот волумен. По изминатото време само малку премесете го и истресете го врз работна површина наросена со еден прстофат брашно.




Тестото поделете го на 12 приближно еднакви делови, а потоа од секој дел формирајте топче. Покријте ги со кеса или фолија за да не се сушат, па започнете едно по едно да ги формирате врз малку набрашнета работна површина.




Секое топче развлечете го со помош на оклагија во тенка овална кора, а потоа преку цела површина премачкјате ја кората со растопен путер.

Свиткајте ја како ролничка од подолгата страна, а потоа исечете ја на половина оставајќи 1,5-2 см спојка од едната страна – спојка на краците.




Двата крака што ќе ги добиете сплете ги спирално, а потоа долгата спирала свиткајте ја како полжав. На овој начин ќе ја добиете свиената гулабица која наликува на прекрасна ружа.

Вака приготвените печива редете ги во плех обложен со хартија за печење. Покријте ги со крпа и оставете ги да одморат 10 минути.




Во двете жолчки додајте една супена лажица масло, измешајте, па премачкјате ги стасаните печива и ставете да се печат во претходно добро загреана рерна на 180 степени околу 25 минути додека убаво да заруменат. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.