Палачинките се омилено јадење на сите возрасни групи. Има неколку верзии на подготовка на палачинки, а се разликуваат: обични тенки, американски и суфле палачинки (јапонски палачинки) кои се најдебелите палачинки од тесто.




Следниот рецепт е за палачинки кои се нешто помеѓу американските и суфле, но ако сте љубител на палачинките, мора да ги испробате. Имаат средна дебелина и содржат поинакви состојки од вообичаената подготовка на тенките палачинки. Во продолжение може да го прочитате рецептот, а ќе ви бидат потребни следниве состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јаболко, околу 200 г брашно, 125 мл густ јогурт (може и „грчки“ јогурт), 1 јајце, 2 лажици шеќер, 2 лажици масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 8 г прашок за печиво, 2 лажици масло за пржење на палачинките и за наросување: шеќер во прав и цимет.




ПОСТАПКА: Во еден сад ставете го јајцето и додајте 2 лажици шеќер. Нежно измешајте ги состојките со жица, па додајте 2 лажици масло. Фино измешајте ги состојките додека да се формира изедначена, мазна и течна смеса која треба да е хомогена.




Додајте 125 мл јогурт, измешајте, па додајте 1 кесичка ванилин шеќер. Постепено започнете да го додавете брашното (ќе ви биде потребно околу 200 г) измешано со прашокот за печиво. Соединете ја смесата додека да биде еднолична, па на крајот изрендајте 1 излупено јаболко.




Во нелепливо тавче ставете 2 лажици масло да се загреат на средна кон висока температура. Со помош на лажица спуштајте од смесата во форма на круг со дебелина од речиси 1 прст. Палачинките пржете ги од двете страни додека да заруменат, се подготвуваат на ист начин како и класичните палачинки.




Голема предност за овој рецепт е што палачинките ги правите со големина по ваша желба, може да бидат мали, средни или големи, иако најубави се малите, како вафли. По печењето, палачинките може да ги послужите со шеќер во прав, цимет (убаво одговара со јаболкото), нутела или некој друг крем, плазма, шлаг…




Овој рецепт е најбрзиот што некогаш сум го имала за палачинки, плус е здрав и затоа често ги имаме овие палачинки на трпеза. Остануваат свежи и наредниот ден, а следен пат може да ги испробам и во солена верзија (без додавање на слатките состојки).




Овие палачинки се многу убави и декоративни сами по себе бидејќи излегуваат како тостерки или вафли, а личат и на слатки облачиња. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.