Непријатниот мирис од цигари ќе го елиминирате вака

Пушењето во затворен простор остава непријатен мирис кој се навлекува во вашата облека, завесите и намештајот. Обдете се со овие лесни трикови да се ослободите од тој непријатен мирис, или барем да го  ублажите:

1.ОЦЕТ ИЛИ ЈАГЛЕН

 Во неколку садови налејте малку винска киселина или ставете неколку парчиња активен јаглен, па поставете ги во просторијата во која се пушат цигари. Ако имате деца или домашни љубимци, садовите ставете ги на повисоко место. Јагленот и оцетот ги впиваат и неутрализираат непријатните мириси.

2.ПАРФЕМ НА СИЈАЛИЦАТА

Испрскајте малку од вашиот омилен парфем на студена сијалица. Кога ќе го вклучите осветлувањето, сијалицата ќе се загрее и во просторијата ќе се ослободи пријатниот мирис од парфемот, со кој барем делумно ќе се прикрие непријатниот мирис од цигарите.

3.ПРИРОДНИ МИРИСНИ ВРЕЌИЧКИ

Ако почувствувате дека вашите модни додатоци како што се ракавиците, капите и шаловите, впиле мирис од цигари, а планирате да ги носите во текот на следниот денот и немате време за перење, оставете ги еден час на отворено да се проветрат, а потоа оставете ги преку ноќ во пластична вреќичка заедно со природни мирисни вреќички за плакар.

4.ПЕСОК ЗА МАЧКИ

 Во пепелникот истурете малку обичен песок, или уште подобро, мирисен песок за мачки. Тој целосно ќе го отстрани непријатниот мирис од отпушоците, и полесно ќе го исчистите пепелникот.

5.СОДА БИКАРБОНА

Навечер, пред спиење посипете сода бикарбона по тепихот, на гарнитурата за седење и на рабовите од просторијата каде се пушело. Наутро исмукајте со правосмукалка.

6.ПЕШКИР И ОЦЕТ

Прво проветрете ја просторијата а потоа пешкирот или крпата натопете ја во оцет, па 1-2 минути мавтајте низ просторијата. Мирисот од цигари би требало во целост да исчезне.