Омилениот колач „принцес крофни“ кој се приготвува од генијален спој на воздушесто тесто и неодолив ванила крем, некој се досетил да го направи како торта, па многумина се воодушевија од ова ремек дело.




Сите љубители на принцес крофните ќе бидат воодушевени и со овој рецепт. Ви предлагаме наместо ситните колачи да го испробате овој рецепт и да ја направите оваа прекрасна торта, исто така од готвено тесто и ванилин крем.




Овој десерт има француско потекло, како и оригиналните крофни, а по желба можете да го менувате филот по свој вкус, или пак, врз него да додадете изматена павлака или класичен ванила-шнаг. Никој не може да му одолее на овој десерт, а еве што е потребно за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил: 2 јајца, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 150 г шеќер, 70 г скроб/нишесте/густин, 500 мл млеко, 160 г путер на собна температура. За тесто: 100 мл вода, 100 мл млеко, 1 прстофат сол, 1 лажичка шеќер, 80 г путер, 120 г брашно, 3-4 јајца (во завинсот од големината) + 1 за премачкување, бадеми-ливчиња за декорација




ПОСТАПКА за приготвување на филот: пенасто изматете ги јајцата, па додајте ванилин шеќер, обичен шеќер и скроб. Изматете добро додека да добиете хомогена смеса без грутчиња, па започнете постепено да го додавате млекото.




Тенџерето со мешавината ставете го на рингла и загревајте на умерена темература. Кремот треба да се свари со непрекинато мешање додека да ја добие посакуваната густина. По потреба намалете ја температурата за да не „потфати“ на дното.




Сварениот крем прекријте го со проѕирна-стреч фолија за да не фати коричка и оставете го настрана да се олади до собна температура. Путерот исечкајте го на коцки и оставете го да омекне, на истата собна температура.




Кога ќе достигнат иста температура, путерот пенасто изматете го со миксер, па започнете во него да го додавате оладениот крем, лажица по лажица додека непрекинато матите. На овој начин ќе добиете многу нежен и свиленкаст ванилин крем.




За тесто: во едно тенџере помешајте ги водата и млекото, па додајте сол, шеќер и путер. Варете додека сите состојки да се растопат и соединат. Тргнете го тенџерето од врелата рингла, па додајте го брашното наеднаш и енергично мешајте додека брзо да ја впие течноста, па вратете на оган уште 1-2 минути за да се добие компактно тесто кое се одвојува од ѕидовите.




Претурете го тестото во поширок сад, малку раширете го за побрзо да се олади (2-3 минути), а кога ќе биде млако додајте ги во него јајцата едно по едно (цели или изматени). Мешајте со лажица, шпатула или рачно, сè додека секое јајце убаво да се инкорпорира во тестото.

На хартија за печење исцртајте круг со дијаметар од 18 см (според калапот), а потоа тестото складирајте го во готварски шприц или кеса, па исцрајте обрач (од два слоја) според кружницата, а во останатиот простор истиснете 10-тина крофнички како целувки од тестото што ќе ви преостане (за помали крофнички). Обрачот премачкајте го со изматено јајце и налепете го со бадемови ливчиња.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 30-40 минути и за тоа време не треба да ја отворате рерната. Кога ќе се испече оставете го да се олади, па исечете го на половина.

Филувајте со изматениот крем, па тортата оставете ја да се олади во фрижидер најмалку 3 часа. Одозгора наросете шеќер во прав и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Доколку сакате да го прочитате рецептот за луксузна торта со вкус на еклер, истиот можете да го прочитате ОВДЕ.