За некого ова е сладок леб познат уште како милиброд или козинак. Најчесто се приготвува за поголемите празници како Велигден и Божиќ, но толку многу е вкусен што може да се приготвува и секој викенд. Има необично мека и воздушеста текстура, а аромите на различното суво овошје се прелеваат во единствен, нежно-сладок вкус.

Оригиналниот рецепт потекнува уште од римско време кога се печел во речиси секоја печка. Од денешна Италија рецептот е раширен низ целиот свет и секое место си има некој „свој“ оригинален назив и рецепт чија основа всушност е иста: ферментирано тесто со суво овошје.

РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 3 јајца, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 2 шолји шеќер (од 200 мл), 1 шолја млеко, 1 шолја растопен путер, 3 шолји брашно, 1 супена лажица цимет, 400 г суво овошје по избор, 1 лимон, 1 портокал, 100 г чоколадо (може и без чоколадо), цимет за наросување на колачот.

Постапка: трите белки пенасто изматете ги во цврст снег, со најсилна брзина на миксерот. Потоа една по една додајте ги жолчките. Постепено додајте ги ванилиниот шеќер и кристалниот шеќер и матете додека да се растопи.

Во смесата додајте го растопениот и оладен путер, како и млекото, па намалете ја брзината на миксерот и додајте ги сувите состојки: прашок за печиво, брашно и супена лажица цимет.

Смесата лесно доматете ја со миксер за состојките убаво да се соединат. Додајте ситно сечкано суво овошје по желба (брусница, суво грозје, суви кајсии, ореви, лешник, суви смокви, урми, сув ананас…). Изрендајте кора од лимон, портокал и 100 г чоколадо, промешајте со лажица и добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет плех.

Може да користите и калап куглоф. Ставете да се пече во претходно загреана рерна, на 180 степени околу 50-55 минути (во зависност од јачината на рерната). Печениот колач превртете го на даска или чинија и додека е врел наросете го со цимет во прав (или шеќер во прав)./Coolinarika.com

РЕЦЕПТ 2 – Колач со суво овошје – готов за 15 минути. Потребни состојки: 250 г брашно, 250 г шеќер, 180 мл јогурт, 100 мл масло, 1 лажичка прашок за печиво, 1 прстофат сол, 100 г чоколадо за готвење, 2 лажици какао, рендана кора од портокал, неколку капки екстракт од ванила, 200 г сечкано суво овошје: брусница, ореви, грозје, сливи, кајсии, смокви.

За преливање на колачот: 100 г темно чоколадо и 1 лажица масло. Постапка: Сувото овошје ситно исечкајте го. Маслото и чоколадото растопете ги на пареа, па оставете малку да излади. Додајте шеќер, ванила, кора од портокал и јогурт на собна температура, па убаво промешајте.

Брашното измешајте го со сол, прашок за печиво, какао и суво овошје. Промешајте да се изедначи па соединете со претходната смеса. Мешајте со шпатула или лажица додека да се изедначи смесата. Излејте ја во калап 30х10 см обложен со алу-фолија или хартија за печење, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 45 минути.

Проверете со чепкалка: забодете ја во средина од колачот, ако излезе сува чепкалката, тогаш колачот е печен. Печениот колач извадете го од калапот, оставете го на ладно добро да се излади, па прелијте го со чоколадна глазура (чоколадо и малку масло растопете ги на пареа), па украсете со малку суво овошје.

РЕЦЕПТ 3 – КУГЛОФ со суво овошје, еден од поубавите. Фотографија и рецепт на Ивана – Божиќен куглоф со суво овошје. Може да се приготвува во калап за куглоф или било каков калап. Ако го печете во правоаголен калап, тогаш можете да го сечете на коцки. Како и да одлучите ќе добиете прекрасно печиво од кое ќе ви замириса домот неодоливо.

Потребни состојки: 120 г омекнат путер, 6 лажици масло, 150 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 прстофат сол, 2 јајца, 250 г свежо полумасно сирење, 370 г брашно, 1 прашок за печиво, 5 лажици млеко, 150 г суви кајсии (омекнати во ликер), 100 г суво грозје (омекнато во ликер) и шеќер во прав за наросување.

Постапка: намастете го и набрашнете го калапот за куглоф. Сувите кајсии исечкајте ги. Омекнатиот путер изматете го пенасто со миксер. Едно по друго додавајте и матете: масло, шеќер, ванилин шеќер и сол.

Миксајте додека сите состојки да се соединат. Додајте едно јајце и матете половина минута со најголема брзина, па додајте го второто јајце. Брзо додајте го и изматете го сирењето. Промешајте го брашното и прашокот за печиво, просејте ги, па половината додајте ја во смесата матејќи на средна брзина.

Додајте млеко, па втората половина од брашното. Сувото грозјте и исечканите суви кајсии додајте ги и измешајте ги со најмала брзина. Тестото излејте го во калапот и израмнете. Печете го 60-тина минути во загреана рерна на 180 степени. Печениот куглоф оставете го 10 минути во калапот, а потоа извадете го на решетка. / Coolinarika.com