Рецепт на Мира Лосич Иветич. „Кога попладнето ми е слободно, сè си имам дома и не морам да одам во продавница, ги замесувам овие кифли, куќата да ми замириса убаво и сите сетила да ни се нахранат. Не е потребна никаква посебна вештина ниту многу време. Еве што ви е потребно:




Меки кифли: рецепт и фотографија на Мира Лосич Иветич

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно, 1 лажичка сол, 1 коцка свеж квасец (40-50 г), 100 мл млако млеко, 1 лажичка шеќер, 100 мл масло, 500 мл млако млеко, 200 г маргарин или путер омекнат или полурастопен, фил по желба (во овој случај тенко сечкана салама). За премачкување 1 јајце, сусам за наросување




ПОСТАПКА: Во еден поголем сад ставете го брашното и наоколу посолете, а во средината направете вдлабнување. Тука издробете една свежа коцка квасец, додајте лашичка шеќер и налијте 100 мл топло млеко. Малку промешајте и оставете покриено 10-тина минути да се активира квасецот и да запени.




Потоа во вдлабнувањето додајте 100 мл масло за готвење и со постепено додавање на 500 мл млако млеко замесувајте со раката. Кога течноста ја додавате во брашното, никогаш не ја додавајте сета одеднаш, туку постепено (и обратно, брашно во течност), зошто некогаш е доволно, а некогаш треба да се додаде уште малку.




Месете го тестото додека тоа да стане компактно, мазно, меко и да не се лепи за рака, а садот да остане чист без остатоци од брашно во него. Покријте го со проѕирна-стреч фолија и кујнска крпа, па оставете го во топла просторија да стасува околу еден час, додека да го удвои својот волумен.




Стасаното тесто истресете го врз набрашнета работна површина, малку премесете го колку да формирате еден вид валјак, за да го олесните развлекувањето во вид на правоаголна кора. Потоа со помош на рацете развлечете го малку тестото, а потоа и оклагија. Кората не треба да биде премногу тенка, ниту дебела, околу 0,5 см.




Маргаринот или путерот (200 г) малку загрејте го, но не целосно да се растопи, туку колку да може полесно да се размачкува. Премачкјате го тестото преку цела површина, а потоа преклопете го како книга (од едната страна до половина, па од другата страна до половина, а потоа од спротивната страна на трипати, да се добие правоаголник со големина на книга), исто како за лиснато тесто.




Оставете го тестото да одмори во фрижидер 15-тина минути, а за тоа време пригответе го филот, во слушајот ситно сечкана салама. Може да филувате и со крем сирење, виршли, мешавина од фета сирење и кашкавал, а може да филувате и со нешто слатко. Потоа тестото повторно развлечете го во правоаголна кора со повремено наросување со брашно, по потреба.




На двата краја од кората (од подолгата страна) ставете го филот надолжно, а потоа свиткајте два ролати кои се среќаваат на средината. Исечете ги, така што ќе добиете два тенки ролати. Исечете ги на парчиња (по три прсти во должина) и наредете ги во намастен со маргарин плех.




Прекријте ги да стасаат околу 20-тина минути, одозгора премачкјате ги со јајце и наросете ги со сусам. Потоа ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200-250 степени околу 20 минути. Секој нека го прилагоди печењето според својата рерна. Рецепт на Мира Лосич Иветич.

Меки кифли: рецепт и фотографија на Мира Лосич Иветич