Вчера го направив овој колач, толку беше мирисен и вкусен што веднаш се изеде. Дечињата го обожаваат со шолја млеко, а јас си направив кафе. Не валкате многу садови, сѐ измешајте за 2 минути и ставете го да се пече. Комбинацијата на состојките е совршена, навистина ќе се воодушевите од вкусот, како мене. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 130 г шеќер, 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), прстофат сол, 100 мл масло/растопен путер, 260 мл млеко (180+80 мл), 300 г брашно, 15 г прашок за печиво, 2 лажици какао.




ПОСТАПКА: Скршете ги јајцата во еден подлабок сад. Јајцата треба да бидат на собна температура за состојките да можат полесно да се соединуваат и да не се формираат грутчиња. Во садот додајте 130 г шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер. Наместо ванилин шеќер може да ставите и арома од ванила. Започнете да ги миксирате состојките, додека јајцата да станат пенасти, а шеќерот да се растопи.




Миксирајте со постепено зголемување на брзината на миксерот и само во една насока. Кога смесата ќе почне да побелува и ќе го зголеми својот волумен, тогаш може да продолжите да ги додавате останатите состојки. Посолете со малку сол, па додајте 100 мл масло (половина чаша) или иста количина растопен путер.




Измиксајте ги состојките уште малку, па почнете постепено да го преливате млекото кое треба да биде млако. Додајте околу 180 мл млеко, тоа е нешто повеќе од половина обична чаша. Соединете ја смесата додека да стане мазна и еднолична, со течна конзистентност. На крајот во смесата просејте 300 г брашно, помешано со 1 кесичка прашок за печиво.




Брашното додавајте го на неколку наврати додека постојано ја миксирате смесата со лесна брзина. Наместо со миксер, може да ја соединувате и со шпатула. Важно е брашното и прашокот за печиво да ги измешате добро, за да не останат поголеми грутчиња во колачот. Смесата најдобро се соединува доколку е топла.




Во еден помал сад ставете 2 лажици какао и додајте околу 70/80 мл топло млеко. Лесно измешајте. Белата смеса која првично ја подготвивте поделете ја на два еднакви дела. Во едниот дел додајте ја мешавината од какао и млеко и нежно соединете додека да се изедначат сите состојки.




Подгответе си еден огноотпорен сад во форма на правоаголник, така што ќе биде тесен, но подолг. Намастете и набрашнете го добро садот, па започнете да излевате прво од едната, па од другата смеса, сѐ додека да ги потрошите двете смеси. За да добиете одличен мраморен ефект, рамномерно додавајте 4 лажици од белата смеса, па на средината 4 лажици од кафеавата смеса и така до крај.




Откога ќе излеете од едната смеса, полека додавајте од наредната, така што колачот ќе може постепено да се разлева и да се шири низ калапот. Мраморниот ефект можете дополнително да го декорирате со повлекување на неколку линии со чепкалка од средината на колачот кон надворешните страни, така што ќе добиете изглед на ѕвезда.

Вака подготвениот колач ставете го на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, 45-55 минути, со повремено проверување. Колачот при печење многу ќе нарасне, а после печењето може да го премачкате со тенок слој џем или мед. Деталите погледнете ги ОВДЕ.