„Не ми е тешко да готвам, тешко ми е да смислам што да зготвам,“ вели Сања од каналот „Кујната на Аурора,“ а веројатно секој може да се пронајде во овој мал проблем. На домаќинките не им е тешко да готват, напротив, од секојдневните оброци, секогаш е интересно кога ќе се направи нешто ново.

За да ја искористите сезоната на пиперките, подгответе го ова вкусно јадење за кое не ви треба многу труд. Ова е една идеја за брз и лесен ручек, може да се послужи и како предјадење. Нешто што веројатно сите го сакаат се печените пиперки.

Неодоливиот мирис на печени пиперки кој се шири низ куќата е секогаш добредојден. Секако, пиперката можеме да ја подготвиме на различни начини, но пробајте на овој начин и ќе бидете повеќе од воодушевени. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: печени пиперки (околу 10 парчиња или ставете по потреба), 400 г било кое сирење, 3 јајца, половина до една китка магдонос, малку сол по потреба, црн пипер и брашно по потреба. ЗА ПРЕЛИВОТ: 2 јајца, 100 мл млеко, малку путер или масло (2 лажици), 80 г рендан кашкавал.

ПОСТАПКА: Пиперките испечете ги на класичен начин, па излупете ги кога малку ќе се оладат. Јас имав замрзнати пиперки, па ги подготвувам тие. Настрана подгответе си го плехот со флексибилен обрач (наменет за торти и колачи), на дното обложете го со хартија за печење и потоа намастете го со растопен путер или маргарин врз хартијата и од страните на калапот.

Доколку пиперките ви се претходно посолени, не мора да ги посолувате пред да ги валкате во брашното. Ако се малку помесести, пресечете ги на половина, па потоа пренесувајте ги во брашното и директно редете ги во плехот кој го намастивте.

Кога ќе го наредите првиот слој на пиперки, преминете на подготовка на филот. За преливот е потребно во подлабок сад да го издробите сирењето (јас користев два вида на сирење и ги измешав). Додајте 3 јајца, па ситно сечкан магдонос, сол по потреба и црн пипер по вкус.

Соединете сѐ, па излејте го целиот фил преку првиот ред пиперки. Кој сака, може да реди еден слој пиперки, еден слој од филот и така до крај, додека да се потрошат состојките, но на овој начин е полесно и повкусно. Израмнете го филот со една лажица, па наредете ги преостантите пиперки, претходно наросени во брашно.

ЗА ПРЕЛИВОТ: Измешајте 2 јајца, 100 мл млеко и 2 лажици растопен путер или масло. Постепено сипете го филот преку последните пиперки, така што ќе ги избоцкате малку за филот полесно да продре во внатрешноста. Одозгора наредете тенко сечкан кашкавал.

Печете во загреана рерна на 180 степени, 40-тина минути, па пред крајот наросете малку рендан кашкавал и вратете во рерна додека да зарумени и да добие златна боја. Ова јадење е највкусно кога ќе се олади. Деталите погледнете ги ОВДЕ.