Честопати се случува да остане вчерашен или завчерашен леб кој ја изгубил свежината, а никој не сака да сув и тврд леб. Не го фрлајте таквиот леб, туку искористете го за да направите многу вкусно јадење кое нема да ви одземе многу време. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 векна леб/багет, 6 јајца, 500 г кисело млеко или кисела павлака, 1 лажица брашно, 16 г прашок за печиво (1,5 кесичка), 150 г рендан кашкавал, 10 г растопен путер за премачкување на путерот




ПОСТАПКА: Лебот исечете го на тенки парчиња/кришки со дебелина од приближно 1,5 см. Сувиот леб полесно се сече од свежиот кој е мек, па можете многу убаво да ги исечете парчињата. Доколку имате веќе купечки исечен леб, овој чекор прескокнете го.




Земете еден плех со средна величина или огноотпорен сад, па намастете го со растопен путер на дното и ѕидовите. На дното наредете еден слој лепчиња (редете ги блиску едно до друго).




Во еден сад ставете 500 г кисело млеко (или кисела павлака) и додајте 6 јајца. Посолете по вкус и додајте една полна лажица брашно помешана со 16 г прашок за печиво. Добро изматете со жица маталка додека да се изедначат состојките во хомогена смеса.




Половина од смесата рамномерно излејте ја врз лепчињата. Најдобро е да користите лажица или кутлача за го полиете секое лепче подеднакво. Одозгора обилно наросете рендан кашкавал по ваш избор (ајдамер, чедар…), околу 100 г.




Потоа, врз слојот од рендан кашкавал наредете повторно еден слој лепчиња (исто така, редете ги едно до друго). Повторете ја постапката, па секое од лепчињата прелијте го со остатокот од мешавината.




Одозгора наросете повторно рендан кашкавал, но овојпат помалку, околу 50 г. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 190 степени околу 25 минути. Кога е печено и убаво заруменето, оставете малку да се подизлади, па сечете и послужете топло.