Ако ги сакате јадењата со модар патлиџан, денес ви нудиме еден одличен рецепт од познатата Италијанка Тициана: ароматичен и без горчина, потпечен во рерна или на скара, зачинет со лук и прелиен со масло.
Одличен начин да го сочувате вкусот на летото за студените зимски денови. Ако ве интересира како Pycите го подготвуваат модриот патлиџан во тегла, прочитајте ОВДЕ, а еден македонски рецепт, прочитајте ОВДЕ. Еве што ви е потребно за италијанскиот рецепт:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг модри патлиџани, 2 ловорови листови, сол, 1 литар вода, 750 мл бел оцет 9%, црвен или јаболков оцет, 1-2 лути пиперки или повеќе мали чили пиперчиња (ситно сечкани), оригано и лук по вкус (околу една главица или повеќе), мешавина од маслиново и сончогледово масло по потреба
ПОСТАПКА: Модрите патлиџани убаво измијте ги со ладна вода, избришете ги, отcечете им ги дршките, па исечете ги на кругови. Наросете ги од двете страни со малку сол и оставете ги да отстојат два часа.
Потоа исцедете го вишокот сок (што ќе го испуштат) со хартиена салветка и наредете ги парчињата во плех обложен со хартија за печење (за печење во рерна) или најдобро на плотна или скара-тава со ребра. Печете ги без масло на умерена температура додека да заруменат од двете страни и вадете ги во посебен сад.
Пригответе ја маринадата: во едно тенџере ставете ја водата, ловоровите листови и оцетот. Поклопете и ставете на оган да зоврие. Во моментот кога течноста ќе зоврие, спуштајте ги печените модри патлиџани и варете ги само една минута.
Вадете ги со решеткаста лажица и редете ги врз кујнска крпа или хартиена салветка за да се исцедат. Оставете ги вака да се оладат. За тоа време исечкајте го лукот и лутата пиперка на ситни парчиња, па започнете со редење.
Теглите треба да бидат претходно стерилизирани, па редете: во теглата ставете прстофат суво оригано, малку лукче, малку луто пиперче, па неколку тркалца модар патлиџан. По истиот редослед редете додека да ја исполните теглата.
Потоа залијте ја теглата најпрво со маслиново масло, а потоа и со сончогледово. Може односот на маслата да биде 50:50 или да ставите повеќе маслиново доколку така сакате. Ако се стави 100% маслиново, тоа од ладното може да се згусне и да се претвори во маст, па затоа секогаш додавајте и малку сончогледово за да го разреди.
Затворете ја добро теглата со метален капак, претходно стерилизиран или пребришан со чист ал-кохол, па подгответе тенџере за пастеризација. Треба да биде исполнето со вода, на теглата да и достигнува две третини во висина, речиси до капакот.
Тенџерето и теглата одозгора покријте ги со пешкир (а крпа може да поставите и на дното). Гответе на умерена температура околу 10-тина минути откако ќе зоврие. Малку нека изладат теглите, па превртете ги.
Покријте ги со ќебе или крпа и оставете да се оладат. Вашата зимница е спремна и можете да ја складирате на темно и ладно место заедно со другата зимница. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.