Правев крем против комарци и ми успеа експериментот, па сакам да ви ги кажам билките што ги користев, доколку сакате и вие да си направите природен крем, без никакви хемикалии. Комарците ќе бегаат од вас.

Кремот го направив класично, како што се прави секој друг крем на база на свинска маст (без сол и млеко). Билките кои ги ставив одат во еднакви количини, во однос 1:1:1:1. А тоа се:

-Нане
-Босилек
-Лаванда
-Жалфија

Кога ги додавав во маста ги исечкав ситно за да испуштат што повеќе сок и состојки.

Немам некоја одредена количина, замо земам еднакви количества билки, ги мерам во шолјичка, а вие можете и да ги вагате ако сакате. Потоа ситно ги сечкам убаво со нож, на страна растопувам малку домашна маст која не е солена и во која не е ставено млеко.

Во еден сад ги ставам билките и ги преливам со маста, па малку мешам. Маст ставам колку да бидат билките прекриени. Потоа ги префрлам на тивок оган и повремено мешам додека да започне да се пени како да ќе зоврие. Не смее да зоврие силно зошто ќе се изгубат лековитите својства.

Потоа го тргам на страна и го оставам да излади до следниот ден, поклопено. Следниот ден повторно го ставам на тивок оган колку да се растопи, добро промешувам и процедувам низ газа.

Лековитата маст ја ставам во фрижидер малку да згусне и да добие густина, па со лажица ја матам убаво додека да се појават меурчиња. Потоа ја префрлам во соодветни садови за крем (ги купувам од аптеки) и ја чувам во фрижидер.

На истиот начин може да се приготвува и крем од камилица, невен и останати билки. Јас вака ги правам сите креми и задоволна сум, не продавам, правам само за себе и блиски пријатели.

Ако немате свежи билки, можете да користите и суви, но затоа се намалува количината за половина. Значи ако за свежа билка ставате 100 грама, за сува ставате 50 грама и уште малку можеби. Јас сум задоволна од кремот, па доколку сакате пробајте и вие. Сувите билки ги купувам од Билна аптека ако немам сочувано од ланската берба.