Подготовката на овој ѓеврек навистина е многу едноставна, па овој рецепт секој може да го испроба. Релативно е брза, бидејќи тестото стасува само еднаш околу еден час. Потоа се обликуваат ѓевреците и веднаш се печат.
Но, дури и овој процес може да се забрза така што ќе ја загреете рерната на 50 степени и во неа ќе го ставите замесеното тесто да стасува околу 25-30 минути. Еве што е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл топла вода, 1 лажичка шеќер, 1,5 лажичка сув квасец (5 г или половина кесичка), 2 лажици масло, 550 г брашно (Т 400 меко), 1 лажичка сол. И УШТЕ: 100 г сусам, 80 мл млака вода, 1 лажичка мед или 1/2 супена лажица.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 300 мл топла вода (да не е врела, туку млака), 1 лажичка шеќер, 1,5 лажичка сув квасец и две лажици масло. Добро промешајте додека сите состојки да се растворат и изедначат.
Потоа, во течните состојки започнете постепено да додавате 550 г брашно помешано со една полна лажичка сол. На почетокот мешајте со лажица или шпатула додека да се впијат течностите, а кога ќе го додадете остатокот од брашното, замесете со рака. Месете додека тестото престане да се лепи за рака и почне да се одвојува од ѕидовите на садот.
Вака замесеното тесто покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло место да стасува околу еден час – час и 15 минути, додека убаво да го удвои својот волумен. Овој процес може и да го скратите ако тестото го ставите во загреана рерна како што опишавме на почетокот. Важно е тестото убаво да стаса.
Потоа пригответе ја смесата во која ќе се валкаат ѓевреците: во подлабока и широка чинија ставете 80 мл млака вода и во неа растворете една лажичка мед, а во друга чинија истурете 100 г сусам.
Стасаното тесто кратко премесете го врз малку набрашнета работна површина, колку да го формирате во валјак и поделете го на 8 еднакви делови.
Секој дел развлечете го со помош на дланките во валјак со должина 40-50 см, па спојте ги краевите за да добиете прстен. За оваа дебелина на ѓеврик, должината на валјакот е 40 см, а ако сакате поголем, а потенок ѓеврек, тогаш развлечете го на 45 см.
Вака приготвените ѓевреци прво натопувајте ги во растворот од вода и мед, а потоа и во сусамот. Треба добро да се нафати сусамот на целиот ѓеврек, од сите страни. Готовите ѓевреци редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Во еден голем плех од рерна собира четири ѓевреци, така што ќе ги печете на двапати. Рерната загрејте на 200 степени, па приготвените ѓевреци ставете ги да се печат околу 20 минути додека убаво да заруменат. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.