Порано на своето лице ставав се’ и сешто, но сфатив дека навистина е многу важно да внимаваме што ставаме на кожата од лицето бидејќи, тоа е најчувствителен дел од целото тело. Не можам целосно да се откажам од „хемијата“ поради шминката, но барем кремите што ги користам сакам да бидат природни.

Потребни состојки:

Јајце

Овесни трошки

Мелено ленено семе

Пченкарно брашно

Маслиново масло

Чичково масло

Рицинусово масло

Капки од коприва

Јаболкова киселина

Вода

Млеко

Сода бикарбона

сол за бања

етерично масло од чајно дрво

Постапка:

Пилинг на лице

Изматете белка пенасто, а потоа по ред додавајте ги останатите состојки: пченкарно брашно (може и палента), овесни снегулки и мелено ленено семе. Не ставам точни мерки, бидејќи секој сам за себе си ја пронаоѓа правата густина, но мислам дека е подобро да биде поретко, зошто белката убаво се затегнува на лицето.

Ова е многу силен пилинг за чистење на лицето. Оставете 20-тина минути, а потоа исплакнете со млака вода. Потоа со коцка мраз поминете преку лицето додека да се растопи. На самиот крај ставете неколку капки ружина водичка на парче памук и натапкајте на лицето.

Маска за коса

Изматете жолчка, па додадете малку маслиново масло, малку чичково и рицинусово масло и на крај неколку капки тинктура од коприва. Оставете неколку часови да делува на косата завиткана во најлон кеса, па исперете со шампон во кој сте додале неколку капки јаболкова киселина. Исплакнете ја косата со поладна вода и оставете природно да се исуши.

Бања за стапала

Во топла вода додадете сол за бања, сода бикарбона и малку млеко, неколку капки масло од чајно дрво. Потопете ги стапалата и киснете околу 40-тина минути. Потоа истријте ги и намачкајте ги со хидрантен крем.