Свекрва ми ме научи да готвам, а ми го покажа и овој рецепт, исто така. На сите мои пријатели кога ќе ми дојдат на гости (особено на оние поблиските кои ми доаѓаат ненајавено), редовно им ја приготвувам оваа торта и заедно се сладиме. Најдобро е кога тортата ќе преноќи во фрижидер, но ако се брзате можете да ја ставите и во замрзнувач на некое време додека да се стегне.




Сите се воодушевуваат од вкусот и веднаш ми го бараат рецептот. Навистина не знам на колку многу луѓе им го имам кажано рецептот, а сега овојпат ви го откривам и вам, а можете да ја погледнете и мојата видео презентација.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 100 г шеќер, 1 кесичка ванила шеќер (10 г), 4 супени лажици брашно, 2 супени лажици скроб (нишесте/густин), 800 мл млеко, 80 г путер, 500 г бисквити (плазма, петит, пишкоти, турски или некои други кекси по ваш вкус)




ПОСТАПКА: во едно подлабоко тенџере скршете две јајца па пенасто изматете ги со виљушка или жица маталка. Додајте 100 г шеќер и продолжете да мешате додека шеќерот да се растопи. потоа додајте и 10 г ванилин шеќер.




Откако добро ќе ги изматите јајцата, додајте 4 супени лажици (до врв полни) брашно. Брашното постепено додавајте го додека матите и внимавајте добро да се изедначи смесата, да стане мазна и да нема грутчиња.




Потоа додајте две полни до врв супени лажици густин, па продолжете со матење (исто така, додека смесата да стане мазна и без грутчиња). Ќе забележите дека смесата ќе згусне, па затоа додајте малку од оние 800 мл млеко и промешајте за да се разреди.




Продолжете да го додавате целото млеко во тенок млаз додека постојано мешате. Потоа тенџерето ставете го на рингла и загревајте го на умерен оган со постојано мешање. Сварете го кремот исто како пудинг додека да згусне (мешајте и внимавајте да не ви загори).




Во зготвениот крем додека сè уште е топол додајте 80 г путер исечкан на коцки или ленти и продолжете со мешањето додека тој да се растопи и да се инкорпорира целосно во смесата. Кремот префрлете го во друг сад за побрзо да се олади.




Калап за торти со подвижен обраш 18 см обложете го со проѕирна фолија, па на дното наредете кекси. Во зависност од видот на кексите оцените дали е потребно претходно да ги натопувате во малку млеко или доволно е малку да ги натопите во кремот и да ги „залепите“ на дното од калапот.




Откако ќе го пополните дното, преку нив распоредете еден слој од кремот, па врз него наредете нов ред на кекси. Повторно распоредете слој крем и израмнете. Постапката повторете ја додека имате материјал.




На крај тортата одозгора наросете ја со мелени или иситнети кекси, мелени лешници, ореви, рендано чоколадо или што и да сакате по ваш вкус. Најдобро е тортата да преноќи во фрижидер за да омекнат убаво кексите и да се стегне тортата. Но доколку се брзате, можете и да ја ставите во замрзнувач на 1,5-2 часа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.